Новиот начин на изразување на револтот на Шарената револуција - блокирањето на крстосници според Александар Цветкоски од невладината организација АГТИС и покрај тоа што создава револт кај дел граѓани ќе има ефект врз власта. Според него тие и веќе најавија радикализација на протестите, а ова како што вели е поблага форма.
Апсолутно не ми пречат зошто си имаат соодветна цел тие протести и мора оваа состојба која што е моментално во Република Македонија што побрзо да се разреши.Анкетиран граѓанин.
„Граѓаните нормално негодуваат, затоа што им е попречено движењето, бизнисмените исто така, но во системи во кои институциите се премостени, не функционираат скоро воопшто, освен кога тоа го сака власта, не постојат други начини и ова е блага форма, јас мислам дека ова е почеток на радикализацијата“, вели Цветкоски.
Некои граѓани, пак, велат дека ги поддржуваат нивните барања, но не и начинот, некои пак целосно ги поддржуваат, а дел пак сметаат дека се агресивни и не го преставувале мислењето на народот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Мислам дека да, треба, само мирни да бидат, да не се прават бељи , да не се крши, зошто тоа сепак пак ние треба да го плаќаме.“
„Не апсолутно не ми пречат, крајно време е. Ако создаваат нервоза кај другиот дел од граѓаните, тоа е нивни проблем и нивните протести создаваат нервоза можеби кај останатите.“
„Не ги поддржувам блокадите затоа што може да се изнајде и друг начин, зошто луѓе одат на работа, сè се стопира, еве сообраќајот, вртиме не знаеме кај стојат автобусите , значи се прави општ хаос.”
„Апсолутно не ми пречат зошто си имаат соодветна цел тие протести и мора оваа состојба која што е моментално во Република Македонија што побрзо да се разреши”, велат неколкумината граѓани кои ги сретнавме во близина на блокираната крстосница вчера кај Соборната црква.
Таму се случи и инцидент кога граѓанин со мотор влезе во вербален конфликт со насобраните и ги навредуваше по што доби и шлаканица. Од Шарената револуција изразија жалење за инцидентот и ги осудија сите форми на насилство кон граѓаните без разлика од кого се тие иницирани.
Александар Богоевски, активист од Шарената револуција тврди дека нивните акции од почетокот досега имале големо влијание врз разрешувањето на политичката криза, па и блокадите кои предизвикуваат гнев кај дел граѓани ќе имале ефект.
„Со оглед на се она што се случува во Македонија мислам дека гневот требаше да биде инициран кај граѓаните уште со објавувањето на првата т.н. бомба, меѓутоа со оглед на притисокот кој се врши врз националните медиуми мислам дека немаше можност да слушне целокупното население во Македонија за каков тип на криминал се работи и за каков тип на узурпирање на државните институции“, вели Богоевски.
Тој додава дека формата и начинот на кои Шарената револуција и движењето Протестирам ќе го изразувале својот револт ќе се менувале од ден на ден согласно поставениот ултиматум 18 јуни и барањата кои ги поставија во понеделникот- престанување на прогонот врз демонстрантите и Уставниот суд да се изјасни за уствноста на Специјалното јавно обвинителство.