Хилари Клинтон обезбеди доволно гласови од делегатите за победа во рамките на Демократската партија во трката за кандидатура за претседател на САД, јавија американските медиуми.
Со тоа, Хилари Клинтон најверојатно ќе му биде против-кандидат на републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори во САД во ноември. Се очекува деновиве актуелниот претседател Барак Обама и формално да ја претстави Хилари како најдобар кандидат за негов наследник.
Хилари Клинтон обезбедила 2383 делегатски гласови, откако во изминатиот викенд победи на примарните избори во Порторико, а ја добила и подршката од суперделегатите, јавија Асошиетед прес и Ен Би Си њуз.
Меѓутоа, нејзиниот главен ривал, Берни Сандерс изјави дека трката не е завршена и оти тој ќе се бори за номинацијата на Националната конвенција на демократите, што ќе се одржи во наредниот месец.
Клинтон изрази задоволство што медиумите веќе ја прогласија за кандидатка за претседател, но истакна дека трката не е завршена.
„Според вестите, ние сме на прагот на историски момент, без преседан. Но, се уште има работа, треба да се бориме за секој глас“, изјави Клинтон на собирот во Лонг Бич, Калифорнија.
Портпаролот на Сандерс изјави дека не во ред што Асошиетед прес и Ен Би Си њуз веќе ги пресметале и гласовите на суперделегатите, пред тие да се изјаснат на конвенцијата на демократите.
Суперделегатите се всушност избраните сенатори, членови на Конгресот и гувернери, а тие би можеле да го сменат своето мислење во секое време. Затоа и се уште не може и дефинитивно да се каже дека Хилари Клинтон е кандидат за претседател од редовите на демократите, иако е речиси сигурно.