Прилепчанката Славица Кондоска има 49, а 18 години е инвалид, целосно неподвижна, закована за кревет. Има две деца, Христијан 26 години, а ќерката Стефани сега е матурант. Живеат со 9.000 денари, коишто мајката ги добива по основ на постојана парична помош, а тие за нега за друго лице, во една соба, во куќата на братот на Славица, полни 13 години, по смртта на нејзиниот сопруг. Децата со помош на роднините ја комплетирале целата документација и аплицирале на огласот за социјален стан во категоријата инвалидизирани лица. Но, тие не биле ниту на прелиминарната, ниту на конечната листа корисници на овие социјални станови.
За личности што ги видов на листата рангирани и ги видов исто така на фејсбук сликани со координаторот Никола Димоски и гарант знам дека тоа сето е партиски доделено, а тие можат и способни се и да работат и да се грижат за нивното семејство.Миле Кондоски, девер на Славица Кондоска
„Ни рекоа дека е се во ред, документите, се комплетирани, 5.000 денари си дадовме, извадивме од катастар дека не поседуваме никаков имот, сè легално како што треба да биде. На крајот кога беше распределбата за прелиминарна листа, мајка ми беше во Б категорија, со20 бодови, тоа што е, ништо, нула. А, во социјално во Прилеп го знаат добро случајот, сите“, вели синот Христијан Кондоски.
Тие реагирале во Меѓуопштинскиот центар во Прилеп, каде велат дека многу добро со години ги знаат проблемите на Славица. Оттука се обратиле лично во Скопје, во Министерството за транспорт и врски, од каде добиле известување дека ќе ги посети надлежна комисија, којашто ќе ја утврди фактичката состојба. Но, тоа тврдат дека не се случило.
Ова семејство е револтирано и затоа што според тврдењата на листата корисници на социјални станови се многу подобро ситуирани кадри на прилепскиот огранок на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„За личности што ги видов на листата рангирани и ги видов исто така на фејсбук сликани со координаторот Никола Димоски и гарант знам дека тоа сето е партиски доделено, а тие можат и способни се и да работат и да се грижат за нивното семејство. Не само што се тие сликани што се, туку има и други личности бодирани, кои се во многу подобра форма за живот да опстанат отколку Славица“, вели Миле Кондоски, девер на Славица.
На овие обвинувања побаравме одговор од Министерството за труд и социјална политика, од каде нè известија дека распределбата на становите во Прилеп е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Оттаму побаравме, но не добивме одговор. Во однос на обвинувањата за распределба на становите по партиски клуч, се обидовме да го контактираме и координаторот на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Прилеп, Никола Димоски, но тој не одговори на повиците и пораките.
Реакциите за нерегуларна распределба на социјални станови во Прилеп не стивнуваат.