Зоран Милошески е дописник за неделникот Фокус и новинар на инфо-порталот „Револуционер.мк“ од Прилеп. Како долгогодишен новинар вели дека во последниве шест - седум години се засилени притисоците врз објективното, критичко новинарство. Последниот период тврди дека тој и неговата редакција во инфопорталот се соочуваат со закани и притисоци во работата особено преку социјалните мрежи.
Новинарските текстови или истражувачки стории на независните или проопозициските медиуми кои не се по мерак на власта, детално се анализираат, се толкува значењето буквално на секоја точка и запирка.Зоран Милошески, новинар
„Новинарските текстови или истражувачки стории на независните или проопозициските медиуми кои не се по мерак на власта, детално се анализираат, се толкува значењето буквално на секоја точка и запирка, по што за авторите на текстот следуваат буквално кривични или прекршочни пријави. Силен притисок се врши и кога се работи за финансирањето на независните медиуми, со тоа што во оваа ситуција, притисокот е насочен врз фирмите и потенцијалните спонзори кои сакаат да се рекламираат во овие медиуми“, вели Милошески.
На притисоци и закани се жалат и новинари од Битола.
„Да не се случува повеќе од кој било штаб на политичка партија, да се испраќаат вести, да не се случи повеќе од која било штаб на која било политичка партија да се испраќаат порачки, какви прилози да се прават, кој како да се критикува, кој како да се фали“, порачува Боби Силјановски, долгогодишен новинар-дописник на МРТВ од Битола.
Покрај овие и други новинари од Пелагонискиот регион на последната средба на ЗНМ, во Битола, го истакнаа и проблемот со ригидните служби за информирање на државните институции, јавни претпријатија и општини, за коишто станува практика, отсуството на информации за критички теми.
Од ЗНМ велат дека се оптимисти и дека се надеваат на промена на климата во медиумите со усвојување на предложените законски измени во Собранието.
Тврдат дека ЗНМ, како еснафска асоцијација ги евидентира сите пријави на новинарите, а потоа следат реакции за одбрана на новинарската фела и враќање на новинарството засновано на основните принципи за објективно, навремено, вистинито и балансирано информирање на јавноста.
Во ЗНМ се негуваат надежи дека реформите во медиумите кои се дел од агендата на политичарите во рамки на Пржинскиот договор ќе бидат остварени и дека во нов демократски амбиент, ќе се врати објективното информирање на граѓаните повторно на медиумската сцена.