Демонстрантите од Шарената Револуција денеска повторно ја обија фасадата на Владата каде што порачаа дека со секое заплашување стануваат побројни, похрабри и поистрајни во борбата.Со помош на новите чатали, балоните со боја успеаја да стигнат до фасадата на Владата, а на влезот дел од демонстрантите испишаа „Слобода“. Обоена е и фасадата на Министерството за правда и Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов и Собрането, каде исто така се држеа и говори.
Протестот беше во знакот на синоќешното приведување на возачот на комбето на „Шарената револуција“, кој беше на распит во полициската станица „Пролет“ поради учество во протестите и со сомнение за кривично дело „оштетување туѓи предмети“
Препознатливото возило со музика повторно од 18 часот пристигна пред зградата на СЈО, од од каде демонстрантите ја започнаа својата рута, а претходно тие со овации го поздравија возачот Џовани.
Најновиот протести што секој ден се одржуваат последниов месец и половина се одржа под мотото "Ќе се чаталиме до слобода".
Демонстрантите, откако се собраа пред зградата на СЈО, продолжија да се движат во спротивна насока. Наместо накај Собранието, се упатија по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, потоа по „Ленинова“ и „Партизанска“ пред објектот на Владата.
Учесниците во анти владините демонстрации велат дека поради препреките на кои наидуваат на рутата во текот на протестите повеќе нема да го најавуваат правецот каде што ќе се движат.
Инаку,можеше да се забележи големо полициско присуство околу Портата „Македонија“ каде се стационирани специјалци и оклопни возила со водени топови.
Во најавата за протестите на граѓанското движење „Протестирам“ на социјалните мрежи се наведува дека по вчерашниот протест, продолжиле приведувањата како мерка за заплашување и пригушување на отпорот, и оти остануваат на улица до целосно разрешување на кризата.