Дијалог е потребен, но со легитимни учесници

Неуспешен е обидот на ЕУ да ги седне на иста маса претставниците на невладини организации и тие на ГДОМ. Најголем дел од невладините се откaжаа од средбата оти не сакат да разговараат, со како што велат, со деструктивци.

Средбата во ЕУ инфо центарот со граѓански организации и амбасадорите замислена како дел од консултациите за излез од кризата е откажана еден час пред почетокот, а претходно и поголем дел од поканетите го откажаа присуството. Од ЕУ делегацијата во Скопје наведуваат дека средбата е откажана од безбедносни причини, но не наведуваат детали.

Вклучување вакви деструктивни структури во разговори може само да ја влоши состојбата затоа што реалните околности се директен производ и манифестација на желбите на раководството на владејачката партија, а не на граѓанските организации.
Дона Костуранова, МОФ.

Средбата беше замислена како размена на мислења на 40 невладини организации и амбасадорите, но поголемиот дел од невладините претходно најавија дека нема да присуствуваат и затоа планираа да одржат прес пред седиштето на ЕУ делегацијата. Причина за нивниот бојкот е поканата упатена и до контра - демонстрантите од ГДОМ да присуствуваат заедно со другите.

Дијалогот е неопходен, но не можеме да замижеме пред вистината дека ГДОМ јасно се залага за затворање на невладини организации и употребува говор на омраза, вели Дона Костуранова од Младинскиот образовен Форум, една од организациите кои го откажаа учеството на средбата. Ние ги подржуваме напорите на ЕУ и на земјите членки да се канализираат демократските капацитети во правец кој ќе води кон решавање на оваа криза, истакнува таа, но посочува дека демократизацијата нема да дојде преку разговори со оние кои бараат да се укине граѓанското општество.

„Повици за укинување на невладините организации, линч на неистомисленици, повикување на гумени куршуми, не е во интерес на граѓанското општество и не води кон некаков излез од кризата. Вклучување вакви деструктивни структури во разговори може само да ја влоши состојбата затоа што реалните околности се директен производ и манифестација на желбите на раководството на владејачката партија, а не на граѓанските организации“, рече Костуранова.

Средбата имаше за цел да понуди дел од решенијата за излез од политичката криза во земјава.

Малинка Ристевска- Јорданова од Институтот за европска политика вели дека главната причината што се уште нема дијалог е притисокот што се врши врз одредени граѓански организации.

„Се работи за еден конкретен момент во кој што на одредени организации има огромен притисок кој се врши на сите можни начини, преку медиуми, преку кривични, прекршочни постапки итн. И трпението нормално тука не може да биде големо. ЕУ секогаш има политика на вклученост и на сеопфатна дебата и тоа сакала да го покаже, но очигледно ќе мора да бара и поинакви моменти односно начини за да го постигне тоа. “

Таа дополнува дека тие организации што ги исполнуваат критериумите треба да бидат вклучени во разговори за излез од кризата и оти во спротивно ќе се случува откажување на состаноци во последен момент како што беше денеска.