Утринска Шарена револуција – Полициска држава

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Повикани на распит, ја обоија и полициската станица Беко

Стотина граѓани се собраа пред полициската станица во центарот на Скопје за да им изразат поддршка на активистките кои утрово беа повикани на разговор во полиција.

Професор Мирјана Најчевска истури боја на влезот на полициската станица Беко, додека стотината собрани граѓани извикуваа „Полициска држава“ и „Слобода“ и „Нема правда, нема мир“. Најчевска, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет и активистките Ирена Стеријовска и Ана Кркуљ утринава беа повикани на информативен разговор поради фрлање боја на протестите на Шарената револуција. Стотина граѓани се собраа пред полициската станица во центарот на Скопје за да им изразат поддршка.

А во однос на боењето јас ќе испратам писмо до Министерството за култура со кое ќе барам да ми се признае авторство на сето боење на Скопје 2014, заради тоа што не го прашаа кога го правеа. Ова е мој акт на разубавување на просторот во којшто живеам.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

Само Уранија Пировска се појави на информативниот разговор, додека другите три повикани на разговорот ги испратија своите бранители. Пировска вели дека одбила да го потпише платниот налог за казна за фрлање боја кон Министерството за надворешни работи. Таа смета дека ова е обид за заплашување и потсети дека Здравко Савески и Владимир Куновски сè уште се во притвор за учество во протестите. На полицајците им беше незгодно и се трудеа разговорот да заврши побрзо, вели таа.

„Признав дека сум фрлала боја и притоа изјавив дека не се чувствувам виновна за тоа што сум го сторила, дека сметам дека тоа е мое легитимно право како граѓанин на оваа држава да го изразам револтот за она што ни се случува во државата и за политиките на оваа криминална власт“, рече Пировска.

Најчевска вели дека криминалците од власта се фатени на дело како краделе, лажеле и убивале и затоа сакаат да ги корумпираат сите правосудни институции и да ги заплашат граѓаните што бараат одговорност. Немам намера ни да плата, ниту да служам општокорисна работа. Можеби претседателот ќе ме аболира и мене, иронично забележа Најчевска.

„А во однос на боењето јас ќе испратам писмо до Министерството за култура со кое ќе барам да ми се признае авторство на сето боење на Скопје 2014, заради тоа што не го прашаа кога го правеа. Ова е мој акт на разубавување на просторот во којшто живеам.“

Адвокатот на Стеријовска и Кркуљ, Звонко Давидовиќ, вели дека на неговите клиентки им се закануваат прекршочни пријави, но за боењето на Триумфалната порта, која е прогласена за културно наследство, може да добијат и кривични пријави. Тој вели дека фотографиите од протестите не може да бидат користени како доказ на суд.

„Беше укажано дека по законот за јавна чистото никогаш нашите клиенти не биле сопрени од униформиран полициски службеник, дека нивните цивилки не вредат ништо според законот, и ако не е легитимирано од униформиран полициски службеник или комунален инспектор прекршокот не е констатиран. Полицијата тоа го разбра, платните налози не ги издаде. Ние ги побаравме доказите, ни беше соопштено понатаму дека доказите се фотографии. Кога ги побаравме фотографиите, ни беше кажано дека не можат, што е точно, да ги користат како докази, ова сакам сите да го знаат, затоа што наредба за посебни истражни мерки за вакви кривични дела нема, ниту може да добијат, а она што со снима полицијата не е валиден доказ, затоа што не е овластено снимање. На полицијата и беше укажано дека доколку ги примени фотографиите како доказ ќе поднесеме кривични пријава за злоупотреба на службена положба против министерот, директорот, командирот на полициската станица, инспекторите. Најверојатно тоа нема да го направат, едноставно се разделивме без никаков записник.“

Во меѓувреме, петмина млади луѓе дојдоа пред полициската станица на контра-протест, но откако демонстрантите почнаа да им свиркаат и да им викаат „Кај ви се сендвичите“, тие си заминаа, оставајќи зад себе еден навредлив транспарент за Најчевска, кој учесниците во Шарената револуција го испрскаа со боја со препознатливите пушки на вода, наполнети со боја, кои ги користат за боење на владините згради и спомениците од проектот Скопје 2014.