По одлуката на Уставниот суд, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски за денеска попладне закажа седница за одлагање на изборите закажани за 5 јуни, но без конкретен датум за нивно спроведување, по предлог на пратеникот на ДУИ, Талат Џафери. На ова претходеше одлуката на Уставниот суд, која беше едногласно донесена по иницијативата, исто така на Џафери за оценка на уставноста на распуштањето на Собранието. Уставниот суд издаде и привремена мерка со која сите акти и дејствија кои произлегуваат од одлуката за распуштањето на Собранието треба да се стопираат.
Претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева рече дека со оглед на околностите ќе направи преседан.
„Кога еден подолг период не се најде разрешница за состојбата сметам дека судот треба да направи отстапка, да расправа и да одлучи по оспорените одлуки. Јас како судија во овој суд и во моментот како претседател сега, но не и во иднина ќе направам преседан ќе го поддржам предлогот на рефератот и ќе гласам за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одлуки“, рече Гошева.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на социјалната мрежа Фејсбук ја поздрави одлуката, која како што соопшти, овозможува свикување на Собранието како прв и неопходен чекор за решавање на длабоката политичка криза. За СДСМ ова е уште една потврда, дека одлуките на Уставниот суд ги пишува лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Хаосот во редовите на ВМРО ДПМНЕ се пренесува на сите нивни послушнички институции. Како што Груевски ги менува ставовите, според своите потреби, така се менуваат и ставовите на Уставниот суд.“
Рече Рената Дескоска од СДСМ, според која решението на политичката криза е повлекувањето на аболицијата и свикување на Собранието за одложување на изборите кога ќе бидат исполнети сите услови за нивно спроведување на фер и демократски начин. Конечната одлука Уставниот суд би требало да ја донесе во наредната недела.