Загаден воздух во Тетово и оваа пролет

Грејната сезона одамна заврши, но воздухот во Тетово и понатаму останува загаден. Сепак параметрите се нешто пониски за разлика од зимата.

Речиси сите денови од оваа пролет во Тетово воздухот е загаден, според регистрираното зголемено присуство на штетните пи-ем 10 честички. Мерните инструменти покажуваат дека над 100 дена или една третина од годината веќе граѓаните живееле со аерозагаденост. Просекот е 60-тина микрограми отровни материи на кубен метар или 10 над дозволените 50. На загадувањето на воздухот нема реакции во јавноста како што тоа беше измината зима. Здружението на граѓани Еко Герила која зимата организираше неколку јавни протести пролетва не е активно.

„Протестите против загадувањето беа еден добар начин да граѓаните да се информираат и да имаат нешто повеќе сознанија околу тоа што е тоа загадувањето и како може да им наштети на граѓаните на нивното здравје и така натаму. Загадувањето сепак е големо, значи и такви протести се уште се потребни“, вели Аријанит Џафери од Еко Герила.

Во ваква политичка криза кога се протестира против една Влада која ние ја сметаме за одговорна и за загадувањето, не знам дали треба да се крене уште и протестот против загадувањето во ваков момент кога сè е измешано политички.
Аријанит Џафери, Еко Герила.

Тој потврдува дека реакциите на граѓаните околу загадувањето се ставени на втор план, но поради големата политичка криза која исто така е проследена со јавни протести.

„Во ваква политичка криза кога се протестира против една Влада која ние ја сметаме за одговорна и за загадувањето, не знам дали треба да се крене уште и протестот против загадувањето во ваков момент кога сè е измешано политички. Не сакаме никаква агенда, значи освен тоа против загадувањето да се вмешува во такви можни протести. Заради тоа ние малку паузиравме, но како еколошка организација, како граѓанско движење сме за протестите и ги поддржуваме протестите што се држат и во Тетово и во Гостивар и во Скопје и во Битола и секаде против Владата. Уште еднаш да истакнам ние сметаме дека оваа Влада е одговорна за загадувањето, оти тие им дозволуваат на фирмите, на фабриките, на корпорациите да работат без какви било еколошки стандарди“, изјави Џафери.

Лекарите предупредуваат дека и понатаму граѓаните се соочуваат со последици по здравјето поради присуството на штетните материи во амбиенталниот воздух.

„Не можеме да се пофалиме со чиста средина за да можеме да кажеме дека имаме помал број на алергиски реакции. Во последните години е зголемен бројот на алергиски реакции. Не можеме точно да ги дефинираме како астма, меѓутоа има и такви случаи каде што е зголемен бројот на астматични напади кај пациентите. Општеството може многу повеќе да придонесе со чист воздух, со помалку пи-ем 10 честички загаденост, што го имавме во последните години во нашиот град“, вели доктор Исмаил Ваити од Болницата за белодробни болести во тетовски Лешок.

Олеснително пролетва е што највисоката вредност достигна 200 пи-ем 10 честички на кубен метар за разлика од зимата кога просекот беше околу 500 или 10 пати повеќе од дозволените 50. Во 2015 година поминаа само 30-тина денови без загадување на воздухот.