Дипломатска пресија врз ВМРО-ДПМНЕ

Американскиот дипломат Ји кој е во Скопје, како и германскиот пратеник Хајндел ќе го насочат притисокот кон владејачката партија, оти само таа остана настрана. Освен за изборите, тие ќе притискаат и за укинување на аболицијата.

Двајца високи претставници на Вашингтон и на Берлин деновиве пристигнуваат во Скопје во обид да се најде решение за сериозната политичка криза. Денеска тука е заменик помошникот државен секретар за Европа и Азија во Стејт департментот Хојт Брајан Ји кој се среќава со високи владини функционери, партиски претставници од власта и од опозицијата и меѓународниот фактор. Тој во Скопје ќе биде до утре, за кога, според неофицијални информации, е можно е да пристигне и германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл, кој беше тука минатата недела.

Јоханес Хајндл.

Во последниве месеци под притисок на меѓународната заедница сите побитни фактори од македонската политика застанаа на страната на која таа бараше тоа да се случи, а тоа е да се одложат изборите и да се работи на повлекување на аболицијата, оценува професорот Денко Малески.

Она што се случи сега е дека остана само една партија надвор од тој така да го наречам демократски строј и сите овие посети сега се со намера да ги истражат патиштата, начините таа партија да се откаже од своите само со сопственото име и да се приклучи кон сите останати во барање на демократски решенија.
Денко Малески, универзитетски професор.

„Она што се случи сега е дека остана само една партија надвор од тој така да го наречам демократски строј и сите овие посети сега се со намера да ги истражат патиштата, начините таа партија да се откаже од своите само со сопственото име и да се приклучи кон сите останати во барање на демократски решенија кои што ќе го стабилизираат демократскиот процес во Република Македонија кој што одамна е нарушен“, вели Малески.

И додека во екот на меѓународната офанзива се поизвесна станува можноста изборите да се одложат и поради денешната одлука на Уставниот суд, Малески вели дека не верува оти меѓународната заедница и демократските сили кои сакале на правдата да и се отвори патот ќе се повлечеле и од другото крупно барање - поништување на аболицијата.

Поранешниот амбасадор на Македонија во Германија Горан Рафајловски, пак овие посети ги гледа како дополнителен притисок врз владејачката елита нагласувајќи дека меѓународната заедница имала интерес во земјава да се одвиваат елементарни демократски процеси. Тој смета дека подоцна ќе дојде и до повлекување на аболицијата.

„Сигурно аболицијата мора да се тргне и тоа е само прашање на време кога ќе се тргне и каков механизам ќе се најде за тоа бидејќи е нереална не оди во насока на развој на демократските односи, ги нарушува принципите на нормално однесување и на крајот претставува голем баласт за идните генерации“, вели Рафајловски.

Пораки за важноста од владеење на правото претходно испрати и американскиот дипломат Ји кој пред повеќе од два месеца кога беше во Скопје и рече дека требала да се поддржи работата на Специјалното јавно обвинителство. Германската сојузна влада пак реагираше со голема загриженост за аболицијата оценувајќи дека работата на обвинителството се поткопува.