Невработеноста виновник за иселувањето на младите

Проблемот со невработеноста е најизразен кај младата популација на возраст до 35 години. Повеќе од половина млади се невработени. Студентите не размислуваат двапати пред да си заминат, ако во странство им се понуди подобра иднина. Годинава од Македонија се иселиле 16 проценти од младото население.

Повеќето студенти би заминале за странство ако по завршувањето на факултетот останат без соодветна работа во земјава и без долична плата за да основаат семејство. Вакви беа размислувањата на повеќето студенти од цела Македонија кои деновиве учествуваа на дебата„Чекајќи ја европската интеграција, отселување од државата или борба за подобри можности за младите?“. Студентскиот собир беше во организација на Битолскиот универзитет.

Кога ќе те исфрли конкуренцијата, решението го бараме во државите од Европа или во Америка и таму остануваме. Јас наоѓам вина во државата зашто не успеала да го искористи квалитетот на дипломираните кадри.
Елена Каревска, студент.

На младите малку им беа неколку часа да ги изнесат своите ставови и емоции на оваа тема која стана актуелна со паѓањето на визниот режим.

Повеќето од нив се согласија дека и како студенти имаат подобри можности во странство.

„Сите услови што ги нуди ЕУ за личен развој е нешто што секој од нас треба да го проба“, вели студентката Марија Николиќ.

„Лично јас имав можност три месеци да ги поминам во Германија каде нашиот статус на студент е многу попочитуван отколку во Македонија. Тука само нашиот индекс зборува дека сме студенти, можеби имаме и бесплатен превоз, но тоа не е клучот за вистинско почитување на нашиот статус“, изјави студентката Александра Јовчевска.

Според студентите за заминувањето пресудна е невработеноста.

„Четири години робуваме за да добиеме добри оценки и по нашето дипломирање очекуваме повик од Бирото за вработување за некаква си минимална плата во некоја фабрика. Јас за ова сум многу либерален и сметам дека секој треба да си ја бара среќата каде што ќе биде најдобро за него. Секој кој може треба да го направи тоа, па потоа со стекнатото искуство од ЕУ да се врати дома, можеби ќе биде повеќе ценет“, вели Александар Настевски.

„Кога не можеме да добиеме работно место се запишуваме на магистратури. Со тоа се стекнува голема конкуренција во државата, па доаѓаат до израз врските, што е жално. Кога ќе те исфрли конкуренцијата, решението го бараме во државите од Европа или во Америка и таму остануваме. Јас наоѓам вина во државата зашто не успеала да го искористи квалитетот на дипломираните кадри“, рече Елена Каревска.

Со празен стомак нема патриотизам, велат студентите и им порачаа на самонаречените патриоти да не одат на одмор на светски монденски места туку на домашните езера.

„Конкурирав на три места, на ни едно не ме примија зашто немав врски. Ние не дека не ја сакаме државата. Јас радо би останала тука, но денес просперитет имаат тие што имаат финансии, а без пари сме ништо“, додаде Настевски.

„Зошто тие што земаат повисока плата не останат да одат на одмор во Охрид, туку одат во Шпанија. Нека останат да ја јакнат домашната економија“, вели Каревска.

На дебатата беше посочено дека само до 2010 година 447 000 македонски граѓани се иселиле. А годинава дури 16 проценти од младото население. Во Македонија 54 проценти од младото население е невработено.