Коџабашија - Отпорот не смее да биде периодичен феномен

Никола Коџабашија

Македонскиот композитор Никола Коџабашија, за живата изведба на делото „Орестија – Оваа неспокојна куќа“, трилогија чии копродуценти се Градскиот театар на Глазгов и Националниот театар на Шкотска, е номиниран за најдобра музика и звук на претстојните Награди на критичарите на шкотскиот театар 2015/ 2016 година. Ова е негова трета номинација во последниве три години.

„Автентичната музика на Никола Коџабашија која сочинета од атонални пијано акорди, партални перкусии и шепот го дефинираат просторот за претставата…експлодира во душевна какофонија. Алармирачка. Еден вид израз на суровиот без излез до кој дошле ликовите“.

Ова ќе го запише критичарот на весникот „Гардијан“ за музиката и за изведбата на македонскиот композитор во„Орестија – Оваа неспокојна куќа“, претстава режирана од Зини Херис, доделувајќи му на крајот од рецензијата пет ѕвездички. Со исто толку Коџабашија ќе биде почестен и во „Ривјуз хаб“ како и во „Скотсман“, а во шкотското издание на угледниот „Хералд“ ќе биде забележано: „Неусогласеноста и бучавата од автентичната музика на Никола Коџабашија…која експлодира…бруталниот хаос од крв и месо под палката на Херис и силниот енсамбл се благослов и клетва на оваа реиновација“.

Отпорот што се создаде во последниве неколку години во Македонија мислам дека не смее да се претвори во еден периодичен феномен. Тој треба да е постојано буден бидејќи така ќе го зачуваме општеството.
Никола Коџобашија, композитор.

И, овде не е крајот, оти за него на убавите зборови не штеделе ни во „Стејџ“, „Дејли Рекорд“, „Бродвејбејби“, „Тајмс“, „Телеграф“...за да конечно тој по трет пат биде номиниран за најдобра музика и звук на престижните Награди на критичарите на шкотскиот театар.

Прашан колку овие убави зборови му годат, Никола Коџабашија, знае да каже дека тоа несомнено е убаво да се чуе, но дека човек на 45 години, во принцип, не треба многу да се бави со тоа што мислат другите за она што го работи. Вели дека во принцип сè се сведува на едно – се договара екипа на креативци да раскажат една стара приказна, која сите ја знаат и се потпира на митот на Орестија, првата „сапунска опера“. Дополнува дека притоа ти можеш да се фокусираш само на раскажувањето на сторијата, а дека резултатите и пофалбите доаѓаат отпосле.

Плакат за претставата „Орестија – Оваа неспокојна куќа“.

„Изгледа дека ја погодивме вистинската жица која резонира со општеството, која резонира со публиката...што ми е многу драго бидејќи не се бавиме со популарен театар туку со апсолутен театар кој не е лесен да се конзумира. Се испостави дека направивме претстава за граѓаните, за луѓето, за народот. Мене тоа ми е особено драго.“

Тој појаснува дека компонира, дека твори и создава 24 часа на ден. Истакнува дека „Орестија“ е приказна за почетокот на злото и уништувањето на основата на нашето постоење, а тоа е – семејството, децата. Каде што амбицијата кај некои може да отиде до таму да ги жртвуваат и сопствените деца.

„Кога ќе се случат вакви работи во семејството или во општеството единствено што можеме да направиме е најискрено да се соочиме со вистината што е многу тешко. Тоа не е воопшто лесно, меѓутоа треба да разговараме, треба да научиме да живееме еден со друг, треба да научиме да го прифаќаме минатото и да ја прифаќаме иднината, но најмногу што можеме да направиме е да делуваме врз нашата денешница. Врз тоа што е сега и овде. За тоа е оваа приказна толку универзална и толку значајна и се надевам кликнува и со настаните кои што се случуваат во Македонија. “

Коџабашија, кој патем беше еден од организаторите и на минатогодишните и на годинешните протести на македонските граѓани во Лондон, истакнува дека него го радува тоа што се случува во татковината. Вели дека во Македонија се случува граѓанска свест. Дека луѓето почнуваат да разбираат дека општеството се тие, оти тоа ним им припаѓа. Сепак, потенцира дека би сакал да види таа форма на комуникација да стане суштина. Да не ни се повтори отуѓувањето. Да не ни се повтори да ги губиме младите генерации.

„Секогаш сум го цитирал Хајнер Милер кој вели дека Револуцијата е маска на смртта и смртта е маска на Револуцијата! Тоа не е поентата на ова што се случува, но индивидуалната револуција, индивидуалниот напредок, споен во една колективна различност е тоа што ни треба. И тоа, за среќа, се случува меѓутоа да не останеме на таа фасадна форма. Мислам дека треба да се бавиме со тоа што понатаму. Отпорот што се создаде во последниве неколку години во Македонија мислам дека не смее да се претвори во еден периодичен феномен. Тој треба да е постојано буден бидејќи така ќе го зачуваме општеството. Така ќе покажеме дека будно ги посматраме тие кои говорат во наше име. И токму заради тоа што говорат во наше име.“

Инаку, композиторот наскоро ќе почне да работи со еден од своите омилени музичари Крис Катлер ( соработник на Френк Запа и еден од основачите на пост-модерниот рок и џез во Европа) врз обновата на култната претстава на легендарната Пина Бауш - „Кафе Милер“. Планира и еден проект со Том Банкрофт, еден од водечките шкотски џез музичари и повеќекратен добитник на наградата музичар на годината на Би-Би-Си. Појаснува дека през годините му станало практика паралелно да биде ангажиран на неколку творби со дополнение дека „сè* што би сакал да работи е тоа да има врска со денешницата, со општеството во кое живееме.

„Не верувам дека музичарот, креативецот треба да биде изолиран и да создава нешто што нема врска со реалноста околу него. Не верувам баш во ескепистичка уметност што стана одлика на популарната култура денес. Особено глобалната. Меѓутоа, има и добри знаци во популарната култура...како на пример во случајот на БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА. Таму таа покажува дека може да има многу поинаков и многу поквалитетен импакт. И, тоа е надежта. Дека сепак постојат артисти кои ја раскажуваат приказната на живите, на тие што сме денес а не на духови од минатото или суеверија од иднината.“