Политички договор наместо правни изговори

Правно или политички Собранието мора да се вклучи во решавањето на кризата, а во овој момент се потребни итни мерки, оти државата се наоѓа во лоша состојба.

Македонија се наоѓа во очајна ситуација во која најмногу од сè, сега и треба разум, предупредува дел од експертската јавност по дебатите во јавноста за тоа дали има или не правна основа за свикување на Собранието.

Професор Никола Дујовски вели дека не е во ред да се инсистира на правно решение на проблемот, во ситуација кога сте подготвени да организирате избори и потрошите многу пари.

„На такво решение кое веројатно не е ниту право, ниту политичко, инсистира само и единствено ВМРО-ДПМНЕ. Сите други се свесни дека нема да се предизвикаат никакви проблеми доколку Собранието повторно се состане и доколку се обидат и тие да помогнат во разрешување на кризата, затоа што дел од решенијата на проблемите се токму во Парламентот“, вели Дујовски.

Иако не инсистира на правните процедури, политичкиот аналитичар Насер Зибери е уверен дека има правна основа за повторно свикување на Собранието, бидејќи мандатот на актуелниот состав не е истечен, туку прекинат со одлука на парламентарното мнозинство.

„Гледано од овој аспект, мислам дека не постои правна пречка. Но и покрај тоа нам ни е состојбата многу деликатна, со индикации дека таа може да ескалира и да има тешки последици, не само политички и економски, туку и безбедносни“, вели Зибери.

Според Дујовски многу посоодветно е да се пристапи кон пронаоѓање на решение за свикување на Собранието, а тоа вели тој, е возможно само доколку се има политичка волја.

„Дури и дваесет пратеници, јас не се сомневам дека може да се обезбедат и 62 пратеника кои можат да побараат од претседателот на Собранието да го свика парламентот, повторно, но за тоа нема политичка волја само и единствено кај партијата којашто ќе оди на избори“, вели Дујовски.

Дека најважно од сè е политичката волја и поголемо разбирање за ситуацијата во која се наоѓаме се согласува и Зибери. Впрочем, вели тој и Уставот е политички договор преточен во правна норма.

„Ако моментот го бара тоа, тој политички договор треба да се преточи во норма и врз основа на тој став од политичкиот договор, треба да се дејствува и земјата да се спаси од оваа политичка криза“, изјави Зибери.

Во петокот до Уставниот суд иницијатива за испитување на уставноста и законитоста на одлуката за распуштање на Собранието поднесе и ДУИ, оти партијата смета декаодлуката е неуставна. Неколку пати досега претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, истакна дека нема уставна можност за свикување на Собранието.