Уличната герила ја тресе Битола

Група битолчани се појавија со транспарент во рацете „Честито аболиција“ кога поранешната министерка Гордана Јанкулоска требаше да ја прими дипломата за докторатот. По неколку дена, тие испечатија пари со ликот на градоначалникот Владимир Талески и сума од 360 илјади евра и ги фрлаа кон него.

Зачести уличната герила организирана од неформалната група „Битолско движење“, која во неколку наврати ги исмеја помилуваните екс-министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и градоначалникот Владимир Талески.

„Да падни оваа режимска влада која десет години нè измачува. Обвиненијата против градоначалникот и неговите соработници нè натераа да излеземе на улица и да бараме оставка.
Весна Цветковска, битолчанка

Група битолчани се појавија со транспарент во рацете „Честито аболиција“ кога Јанкулоска требаше да ја прими дипломата за докторатот. По неколку дена, тие испечатија пари со ликот на Талески и сума од 360 илјади евра, колку што изјави СЈО дека е злоупотребата во случајот „Транспортер“. Со парите го фрлаа кон градоначалникот, додека со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезовски држеа прес-конференција на патот Битола–Ресен.

„Кои се бе овие?“, праша ресенскиот градоначалник.

„А, еве ги овие сношти што не нè најдоа, ау браво!“, рече Талески.

„Еве ги пратите на нашиот градоначалник“, викаше еден битолчанец додека банкнотите летаа на сите страни.

„Ѓоргија Пулевски, да си здрав и жив во сите те има“, рече Талески.

„Кој е Ѓоргија Пулевски?“, возврати битолчанецот.

„Не знаеш, бравос“, одговори градоначалникот.

Но, на протестите кои траат секој ден со недели има многу Ѓорѓиевци и Пулевци. Протестираат претежно млади луѓе, барајќи оставка од Талески и повлекување на аболицијата за него. Протестите започнаа откако СЈО го осомничи првиот човек на општината за злоупотреби со школскиот превоз, а Иванов го помилува.

Дел од граѓаните ја поддржуваат герилата, а дел се против.

„Досега вакви поробители сме немале во државата. Таа сега е поробена од внатрешни непријатели“, вели Најдо Војовски.

„Да падни оваа режимска влада која десет години нè измачува. Обвиненијата против градоначалникот и неговите соработници нè натераа да излеземе на улица и да бараме оставка“, вели Весна Цветковска.

„Протестирам против глупавата аболиција на претседателот, ги потцени Македонците. Тој е претседател само на одреден партија. Младите ни се иселуваат, вработувања наводно има само со партиски книшки, тоа не го прифаќаме“, изјави Панде Ѓоршевски.

Талески, откако беше посипан со пари, не се има појавено во јавноста. Но, претходно рече дека протестантите за ТАТ кога од џеб им биле земени пари биле покоректни, а сегашните се чуди од што се толку револтирани.

„Во Битола имаше протести за ТАТ, тоа беше маса на луѓе, народ на кој од џебот му беа земени пари, не беше ништо скршено и сè беше во најдобар ред. Сега овој револт што се врши со фрлање врз општината со прегреано масло од автомобили, таков револт и пизма до сега не сум видел и не знам заради што“, рече Талески.