Ни Вејце не ги сплоти политичарите

Архивска фотографија.

Ни чествувањето за Вејце не ги сплоти политичарите и здруженијата во Битола. Годинава дури три пати во еден ден се чествуваше 15 годишнината од смртта на битолските бранители во масакрот кај Вејце за време на конфликтот во 2001 година.

Пред споменикот „Ангел“ прв чествуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со претставници од МВР, а настрана од него чест оддадоа ВМРО-ДПМНЕ и здружението на бранители „Бедем“.

Петнаесет години се манипулирани не само семејствата на загинатите бранители, туку и бранителите кои останаа живи.
Сашо Гилевски.

Спасовски изјави дека ова е ден на сеќавање на бранителите кои ги дадоа животите на браникот на државата и опомена за Македонија.

„Опомена е зашто Македонија денес се наоѓа во една сериозна политичка, морална, економска криза со страшна поделеност. Токму сеќавањето на овие млади луѓе треба да биде опомена за сите политичари и разумни луѓе што треба да се прави, да обезбедиме стабилна држава и услови младите да останат тука и да основаат семејства“, рече Спасовски.

Откако заминаа претставниците на МВР, дојдоа од здружението„Бедем“ кои министерот го нарекоа лицемер.

„На министерот ќе му порачам деновите кога ги чествуваме нашите загинати, да не ги користи за постигнување на политички цели, таа потреба да си ја задоволи на друго место. Гледаме дека поддржува насилнички однесувања, рушење на интегритетот на државата, разградување на институциите. Многу лицемерно од негова страна е да отиде на ваков ден да изрази почит за луѓето кои загинале за оваа наша државичка“, изјави Зоран Талески од „Бедем“.

Посебно од двата претходни табора, цвеќе на споменикот положија и од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со политички манипуланти и лица кои од една страна поддржуваат насилство, а од друга страна со крајно лицемерие доаѓаат да оддадат почит на хероите кои животот го дале за својата држава, сметавме дека не смееме да бидеме на исто место во исто време“, изјави Борче Димитровски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Битола.

Во Вејце бранејќи ја Македонија загинаа Марјан Божиновски, Бошко Најдовски, Илче Стојановски и Кире Костадиновски. Настрана од политичките препукувања, жалната вистина е дека нивните семејства се уште се необештетени од државата.

„И по 15 години семејствата на овие наши браќа се необештетени, деградирани, непочитувани. Иако јасно велиме дека нема цена за човечкиот живот, ова е недопустливо. Петнаесет години се манипулирани не само семејствата на загинатите бранители, туку и бранителите кои останаа живи“, изјави бранителот Сашо Гилевски.