„Шарената револуција“ ја зафати и Државната изборна комисија. Демонстрантите, пред да ја обојат зградата во која е сместена комисијата, на полицајците им поделија кабаници за да се заштитат од балоните со бои. Дополнително, со спреј во различни бои, демонстрантите на улицата пред ДИК пишуваат „Шарен е крајот“, „Револуцијата е шарена“ и со свирежи и скандирања негодуваат на тоа што припадници на МВР од внатре во зградата го снимаа целиот протест.
Изборите не можат да се оддржат во моменталните околности, бидејќи реформите за медиуми не се спроведени, и многу други услови не се исполнети. Има многу работа пред да се оддржат избори во земјава.
Додека траеше протестот, во позадина на звучници се слушаа дел од прислушуваните разговори што минатата година ги објави опозицијата, а кои се поврзани со изборен криминал.
Поддржувачите на таканаречената Шарена револуција од пред Државната изборна комисија порачаа дека нема да дозволат да се одржат избори без прочистен избирачки список.
Со парола „Диктаторски изборен криминал“ демонстрантите порачаа дека сакаат избори на кои граѓаните ќе гласаат слободно и достоинстено, без уцени и измислени гласачи, избори на кои ќе победат идеите, а не притисоците.
Движењето Протестирам вечерва се прошири од Гевгелија на југ, до Куманово на север, од Делчево на исток, до Тетово на запад. Во Куманово демонстрантите извикуваа Оставка,оставка!“, „Лопови!“, „Николче диктаторче!“, „Нема правда,нема мир!“ Подржувачите на таканаречената „Шарена револуција“ го започнаа протестот пред кумановскиот Основниот суд, а потоа со транспаренти и познатата иконографија, како и со симболично фрлање кеси со боја и шарање на улицата „11 Октомври“ маршираа низ неколку главни градски сообраќајници.
Во Прилеп бил спречен инцидент, пишуваат на социјалните мрежи дел од демонстрантите поддржувачи Шарената револуција, кои се сретнале со поддржувачи на ГДОМ, кои исто така протестирале во градот.
Во Тетово со разлика од еден час се оддржаа два протеста. Првиот на ГДОМ започна од улицата „Борис Кидрич“ во Тетово, а заврши пред седиштето на СДСМ, додека вториот на Протестирам кој започна од Основниот суд а заврши со марш пред народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов.
Протести како дел од „Шарената револуција“ беа одржани и во Битола, Штип, Крива Паланка, Велес, Облешево, Радовиш и Струмица.
На поддржувачите на Шарената револуција вечерва во Скопје им се приклучи и поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере кој даде поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителстви и истакна дека не се исполнети условите за оддржување на избори.
„Специјалното обвинителство беше основано за да се справи со сите тие кои се осомничени за прекршувања на човекови права, злоупотреба на моќ, корупција, и многу други проблеми. Тие треба да излезат пред судот, пред лицето на правдата и специјалната обвинителка се обидува токму тоа да го стори, но претседателот Иванов и го намали овластувањето, но за среќа таа продолжува со работа. Тоа е еден аспект, другиот апсект се изборите. Тие не можат да се оддржат во моменталните околности, бидејќи реформите за медиуми не се спроведени, и многу други услови не се исполнети. Има многу работа пред да се оддржат избори во земјава“, изјави Фуере.
Од друга страна, пак, и ГДОМ организираше народни собири во неколку градови низ Македонија. Поддржувачите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ прошетаа низ улиците на Битола, Штип, Велес, Делчево, Гевгелија, Струмица, Радовиш и Тетово. Избори се единственото решение за крај на агонијата во која се наоѓа Македонија е пораката на ГДОМ.