Кумановските печалбари се враќаат во Ирак

Зелената зона во Багдад, Ирак.

Печалбарскиот живот ни малку не е лесен, но во Куманово е уште потешко, велат запрашаните граѓани. Кумановци пред неколку години беа познати по одењето на печалба во воени подрачја како Ирак и Авганистан, сега тие зони повторно стануваат „атрактивни“ за печалба.

Безработицата, сиромаштијата, нискиот животен стандард, несигурноста, политичката криза и неизвесноста во државава ги принудува главно младите кумановски печалбари спасот да го бараат повторно во Ирак. Голем дел од оние што помислија дека со неколкугодишната печалба во воените подрачја ќе можат да си обезбедат достоинствен живот во татковината, не го реализираа тоа. Заработеното го потрошија за обезбедување покрив над главата и егзистирање. Мал дел од нив започнаа сопствен бизнис во кој, како што велат, тешко се плива, а малку се заработува. Севкупната состојбамногумина од нив ги разочара, та затоа и повторно заминување на печалба најчесто е и барање начини како со семејствата или сами сосема да ја напуштат државата. Куманово полека, но сигурно се празни, а за тоа никој од надлежните не само што не води сметка, туку нема ниту евиденција.

Некои од запрашаните граѓани велат дека печалбарскиот живот ни малку не е лесен, но во Куманово е уште потешко.

„Луѓето заминуваат поради финансии. Во Ирак не би одела, во некоја друга земја како Германија или Швајцарија би заминала. Тука не би работела за 200 евра иако сум без работа.“

„Немаме пари ниту до Скопје да отидеме, а не во Ирак или во Авганистан. Кога би можеле за пари, секако дека би заминале.“

Кумановка која четири години била на печалба во Авганистан вели дека главно поради високите плати луѓето заминуваат повторно.

„И покрај тешките услови во воените зони платата, месечните надоместоци се со прилично високи суми и затоа луѓето се заинтересирани да одат.“

Таа раскажува дека условите за работа во воените зони не се лесни, особено што се одделени и што се далеку од најблиските,семејствата, но се исплати.

РСЕ: Дали би се вратиле?

„Лично јас не, бидејќи знам како е, но тргнувам од поговорката „никогаш не вели никогаш“ и не е лошо барем уште една година да се оди и да се заработат повеќе пари.“

Печалбарите во Македонија не можат да работат за месечни примања од 200 евра доколку некаде би се вработиле.

„Не, не можат. Се трудат, но кога ќе навикнат на повеќе пари тоа им е малку, а ситуацијата во Македонија е таква. Дел од нив започнаа свој бизнис, ги изгубија парите. Сепак, поголемиот дел парите ги потрошија на купување куќи, станови, автомобили, отколку да ги вложат во сопствен бизнис, затоа што е ризично.“

Кумановец кој има сопствена занаетчиска фирма –паркетар вели дека никогаш не бил на печалба, не размислувал за тоа, но ги разбира луѓето кои одат.„Мислам дека е добро. Се заработуваше добро. Условите за бизнис се добри,а не знам зошто не отвораат сопствен бизнис.“

Повеќе од една деценија кумановци заминуваат на печалба секаде каде што ќе можат да заработат повеќе отколку да останат во родниот град, татковината. Печалбарскиот живот не е лесен, но тешко е да се опстане без работа или да се работи без работно време, за пари кои не се доволни ниту за основните животни потреби. Во приватните фирми пак, не ретко и малите плати или ги добиваат со задоцнување или пак воопшто не им ги исплаќаат. Затоа куферите за гурбет секогаш се подготвени.