Јавните набавки и сомнителниот начин на кој локалната власт ги спроведува во спрега со централната се само мал дел од мозаикот кој го прикажуваат предметите кои неодамна ги отвори Специјалното јавно обвинителство.
Во врска со последните два случаи на СЈО, само го докажува она што со години се зборува, дека проблемот во јавните набавки, односно како се избираат понудувачите.Ана Јаневска Делева, Транспарентност Македонија
Последниот предмет ТНТ, којшто го обелодени обвинителката Фатиме Фетаи, покажува, како што рече, дека градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Трајковски, злоупотребувајќи ја службената должност за да им угоди на нарачателите - поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот премиер Никола Груевски, го прекршил законот за јавни набавки со тоа што однапред им кажал на фирмите кои биле повикани да аплицираат за тендерот дека понудата треба да им биде поевтина од 50 илјади евра, по што работата ја добила фирма којашто не е ниту регистрирана за дејноста уривање, ниту има лиценца за уривање со експлозивни материи.
„На 11.08.2011 година во 12:31 часот, министерот за транспорт и врски му испратил порака на Ф.И. со содржина: Работете од 5 ч. ако може да се стигне до недела. Оваа порака е карактеристична по тоа што на 11.08.2011 година, министерот за транспорт и врски бара од Ф.И. да почнат со работа, а ова е еден ден пред да биде склучен договорот за јавна набавка кој е склучен на 12.08.2011 година, што значи дека претходно сè било договорено и максимално брзо ги преземале дејствијата“, рече Фетаи.
Во незаконската јавна набавка учествувале и членовите на комисијата за јавни набавки на општината Гази Баба, кои направиле фалсификат записник во кој било наведено дека фирмата ги исполнува условите за работа.
Пластичен пример за кршење на законот за јавни набавки прикажа СЈО и со предметот Транспортер каде е наведено дека осомничениот градоначалник на Битола Владимир Талески, во договор со претседателот на комисијата за јавна набавка и директорите на основните и средни училишта, извршиле 80 кривични дела со кои се излеани парите од општинскиот, односно од државниот буџет. Според доказите на СЈО, превозниците фактурирале повеќе од договорениот износ во јавната набавка, а наплатата во најголем дел била вршена со цесија затоа што на училиштата им биле блокирани сметките поради неисплатен превоз.
„Воопшто, со неколку зборови, локалната самоуправа на Битола, преку градоначалникот, превозот на учениците го плаќала и на правните лица за организиран превоз на ученици, меѓутоа и на транспортните претпријатија кои биле носители на општинскиот линиски превоз за потребите на сите граѓани на општина Битола, односно го плаќала два пати“, рече Фетаи.
Дел од транспортерите услугата ја наплаќале и двојно повеќе од договорената. Пари од општината добиле и превозници кои не ни биле избрани за најповолни понудувачи. За криминал со државни пари се осомничени 22 лица.
Во меѓувреме Талески ги демантираше ваквите тврдења на СЈО.
„Изминатиот период се нанесе голема штета врз еден од нашите вработени, сите видоа дека се работи за една извикана работа и сега Слободан е дома. Во нашата општина нема криминал и не постои такво нешто, за се имаме документи“, рече Талески.
Инаку, економското вештачење го спровело битолското јавно обвинителство, но нивната истрага завршила тука.
Анализите на Центарот за граѓански комуникации често покажуваат дека општините плаќаат различни цени за исти производи.
Невладините организации честопати досега посочуваа дека во институциите, при распишување на тендери, условите ги заведувале според фирмата за која однапред се знае дека ќе го добие тендерот.
„Во врска со последните два случаи на СЈО, само го докажува она што со години се зборува, дека проблемот во јавните набавки, односно како се избираат понудувачите, колку се перат пари да речеме, дека секогаш се избираат фирми коишто се блиски на луѓето до власта, како што е случајот со градоначалникот на Битола и само го докажува она што ние како Транспарентност Македонија и други организации кои работиме веќе подолго време и повикуваме на промени во законот за јавни набавки и начинот на кој се вршат тие“, вели Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија.
Во последните четири години македонските институции трошат редовно по речиси една милијарда евра од буџетот за јавни набавки од кои една третина отпаѓаат на услуги, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации.
Европската комисија за прв пат годинава упати забелешка до институциите да си ја вршат работата и да се борат против корупцијата.