Солунчев: Народот стана како Лојд од „Глупав и поглупав“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Солунчев: Народот стана како Лојд од „Глупав и поглупав“

Народот е корумпиран и затоа ја изгуби желбата за дознавање на вистината. Мојот народ ја изгуби вистинољубивост и е на граница да се ничкоса на потчовечко суштество, вели професор Ристо Солунчев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Солунчев, Македонија е поделена по сите основи, пред сè на етнички и на политички план. Кој, според вас, е виновен за ваквите поделби во општеството?

Тоа е проблемот на сè уште неоформената физиономија на овој народ. Овде зборувам Македонци не само во етничка смисла, туку зборувам за цела една заедница што припаѓа на една држава што се нарекува Македонија. Таа физиономија мислам дека сè уште не е оформена и вториот момент е системот на политичките партии, оти ми се чини дека релативизацијата не води кон ништо, затоа што политичките партии се исти на нивото кога се политички партии. Во оној момент кога една политичка партија ќе ја освои власта, таа веќе станува власт. Затоа не може да се каже дека власта е иста со опозицијата. Тоа е една опасна релативизација и опасна теза, затоа што на крајот на краиштата во еден миг кога политичката партија станува власт, таа станува моќ, значи апсолутна моќ и сите системи на една држава се во нејзини раце. Значи, ако констатирате дека во Македонија во последните 10 години има девалвација на образование, на судство и просто во сите сфери, одговорноста паѓа на оној што ја држи власта, бидејќи опозицијата тука не може никако да влијае. Еве, образование. Не може власта да ја праша опозицијата да предложи закон. Тоа никогаш не се случило. Значи, оној што ги предлага законите, оној што ги носи реформите, тој ја сноси одговорноста. Значи, не може да има релативизација. Оттаму, раскажувањето приказна за македонскиот народ и за Македонците, одговорноста за таа приказна и за затворањето во едно гето на митологија, што се случува во последните години, апсолутно ја сноси власта. Имено, ми се чини дека таа недооформена историска физиономија на Македонците како историски народ, во последните години, во една квази-дискурзивност создадена во тие системи на нарација направија не само овој народ да го изгуби тој зачеток на историска физиономија, туку да се затвори во некакви синхрониски модалитети на мешање на историски собитија. Значи, нема развој, туку се постави моментот дека сте Македонци само ако се врзувате за едно историско собитие. Ако се врзувате за АСНОМ, вие сте предавници. Ако се врзувате само за ВМРО, само тогаш имате некаква вредност. Тоа е една идеологија, којашто во основа апсолутно не знае историски да мисли. Затоа може да се случи да се мешаат Делчев и Александар Македонски. Тоа е можно само врз еден митолошки систем на нарација, да ги мешате Делчев и Александар Македонски.

Колку самата власт, наместо да ги подгрева тензиите, треба да го сплотува народот?

Мислам дека е невозможно власта да го сплотува народот. Јас тргнувам од една моја позиција на философ, ми се чини дека власта во принцип е модалитет на моќ и во самото начело на моќта е да ги разединува луѓето и ако говори за сплотеност, создава квази-сплотеност за да може да ја дистрибуира својата моќ. Значи, вие имате потреба да сплотите 500 илјади луѓе за да можете да ја дистрибуирате моќта, тоа не е сплотеност, тоа е квази-сплотеност и оттаму власта не може да сплоти еден народ, сплотеноста мора да дојде од еден друг сегмент. На власта, апсолутно и одговараат поделбите.

Ни се случуваат протести на кои повторно доаѓаат до израз поделбите, пред сè на политички план, меѓу граѓаните. Зошто тие не се обединуваат за нештата кои пред сè се од нивен интерес, како иднината на државата, демократијата и слично?

Имате апсолутна корупција. Тоа дека некој во власта е корумпиран е најмал проблем, тоа секогаш ќе се случува и можеби тука можам да се согласам со мои пријатели кои ја застапуваат другата страна. Значи, секаде има корупција на власта, но проблемот е во тоа што народот и граѓаните не треба да бидат корумпирани. Затоа, целата идеја на власта не е себе си да се извлече од корупција, тоа тешко дека можете да го мислите. Работата е како да се преминат врските на власта и граѓаните, во смисла како да не може власта да го корумпира народот. Овој народ е апсолутно корумпиран. Зборуваме од сегментот да му дадете 15 илјади денари плата и да биде среќен со тоа, па од највисок степен, бизнисмени и фирми, да им дадете зделки да градат мостови, споменици итн. Сето тоа е корупција. И тоа оди во насока на тоа дека буквално од луѓето да создавате егоисти, да мислам само на себе. Значи, јасно ни е на сите дали е некој корумпиран, но мислам само на себе и на моето семејство и во таа смисла нашиот народ стана како Лојд од „Глупав и поглупав“. Ние го девалвиравме системот на вредности, вистинољубивоста. Човечко суштество, негова диференциа специфика е желбата, љубопитноста да ја дознае вистината и во однос на тоа дали некој правел криминал или не правел криминал нема поливалентна логика. Или некој правел криминал или не правел криминал и тоа не е апсолутна вистина за да релативизираме дали можеме да дојдеме до апсолутна вистина. Во овој случај е просто, крадел некој или не крадел, правел или не правел изборни фалсификати, прислушувал за странски служби или не прислушувал. Значи, или го правел тоа или не го правел. Или-или. Во судска постапка тоа се докажува, нема тука простор за философски основи на скептицизам дали е тоа така да релативизираме до крај. Во овој случај е многу јасна работата. Проблемот е што тој тип вистинољубивост да дознаеш што правел оној што ти си го ставил на власт, се изгуби. Потребата да дознаеш што се случува се вика вистинољубивост. Мојот народ ја изгуби таа карактеристика и е на граница да се ничкоса на потчовечко суштество, бидејќи во него нема желба за вистинољубивост.

Целото интервју со професор Ристо Солунчев може да го погледнете во видеото на почетокот на текстот.