Битола секојдневно живее со протести

Во Битола се протестира повеќе од една недела. Демонстрантите извикуваат „Врати ги парите“, а градоначалникот Талески дека ова е игра за промена на името.

Повеќе од една недела Битола секојдневно живее со протести. Тие станаа помасовни откако паднаа првите притвори за случајот „Транспортер“. Од пред зградата на Општината неколку стотици граѓани во неколку наврати протестираа и пред станот на градоначалникот Владимир Талески во Нова Битола. Речиси секојдневно се блокираат сообраќајници, а демонстрантите се заканија дека ќе останат по улиците се додека градскиот татко не си даде оставка.

Не се плаќа со ништо она што ни го зеде за овие 12 години, ни го уништи градот, ни ги избрка граѓаните, нашите средства ги украде и мора да ги врати. Врати ги парите.
Анкетиран демонстрант.

„Иванов донесе срамна аболиција за криминалците. И притворот што падна е за соработниците на градоначалникот, каде е Талески да падне во притвор?

„Самите да мислиме со сопствените глави, а не други да мислат за нас. Борбата треба да биде антисистемска против овој систем на вредности, економска, политичка и социјална. Не од утре, не за подобри времиња туку од денес, ако сакаме да изградиме подобра држава.“

„Не се плаќа со ништо она што ни го зеде за овие 12 години, ни го уништи градот, ни ги избрка граѓаните, нашите средства ги украде и мора да ги врати. Врати ги парите“, извикуваа демонстрантите.

Последните денови напоредно со овие протести се одржуваат и мирни собири организирани од движењето ГДОМ за поддршка на власта. Иако двата табора се збираат едните во долниот, а другите во горниот дел на Широк Сокак досега не се пресретнале.

„Собрани сме да им дадеме поддршка на сите Македонци кои сакаат да си ја задржат Македонија, што сакаат да го задржат идентитетот. Секогаш сме биле за тоа, а не за украински сценарија. Нема да си дозволиме да се тепаме Македонци со Македонци“, вели битолчанец.

Досега за случајот „Транспортер“ притворен е секретарот на Општината, против друг осомничен изречена е мерка домашен притвор, а на неколкумина други директори на училишта одземени им се пасошите. Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Битола реагираа дека се работи за политички хајки кои имаат за цел да ја дестабилизираат Македонија.

Битолскиот градоначалник, пак, изјави дека обвинувања за криминал против него се невистинити и дека играта е многу поголема од неговиот случај, има за цел промена на името.

„Се работи за инструментализација, за нешто што треба да се постави над сите институции, да се руши системот, да се гризи РМ, да се направи екипа која ќе го смени името на Македонија. Тоа е муабетот, што се правиме сите дека не разбираме што е работата? Но, за жал ваквиот начин направи многу спротивставени страни меѓу нашите граѓани, тоа не смееме да го дозволиме. Треба ова да го објаснуваме за да разберат луѓето во што е вистината“, рече Талески.