Дневен печат - Криза, протести, а излез?

„Состојбата врие, потребен е разум‟. „ Демонстрантите против режимот нема да наседнат на провокациите на домобраните‟. „Одложување на изборите се бара и преку анархија“, се дел од насловите во дневниот печат.

„Состојбата врие, потребен е разум‟ - оди со загрижувачки наслов најновиот Утрински. Граѓанската иницијатива „Протестирам“ во средата вечер по осми пат протестираше по скопските улици против одлуката на Иванов за аболиција, со барање за негова оставка, повлекување на одлуката за избори на 5 јуни и формирање експертска влада‟, информира само Утрински за овие протести, исто како што информира и за „Масовни собири на ГДОМ во Велес, Битола, Кочани и Прилеп‟.

Протест во организација на ГДОМ.

Инаку провладините Вечер и Дневник за протестите на ГДОМ информираат на насловните страници, а Вечер оди само со констатација дека „Движењето „Протестирам“ не е никаде регистрирано‟. Дневник наслови: „Одложување на изборите се бара и преку анархија - Бандитизам‟, па во текстот реди некои од последиците на „вандализмот‟, како што ги нарекува реакциите на гневните граѓани во врска со градбите од проблематичниот проект „Скопје 2014‟. С

Само Утрински информира дека и „Албанските опозиционери го поддржаа граѓанскиот сектор‟ приклучувајќи се на протестите што ги организира здружението „Протестирам‟. Вечер, пак, наслови: „Радикалните албански структури се приклучуваат кон СДСМ во нападите врз Македонија‟. Вечер и со инсинуација во свој стил: „‛Ајмо звиждаљке‛: Српски активисти на чело на протестите во Скопје‟. Утрински објави колумна со наслов: „Спречете го црниот четврток‟ како одговор на заканите на ГДОМ дека на скопските улици ќе паднела крв. Слободен печат излезе со наслов: „Демонстрантите против режимот нема да наседнат на провокациите на ‛домобраните‛‟.

И да бидеме малку иронични со црн хумор: „Од 180 земји во светот Македонија е 118-та на листата на ‛Репортери без граници‛‟ по слободата на медиумите, објави Утрински. Да немаме гајле, местото и не е толку лошо. И повторно Утрински информира дека Владата направи „Ново задолжување кај домашните банки и кредитори вредно 4,4 милиони евра‟.