Претседателот Ѓорге Иванов потпиша одлука која стапува на сила веднаш со која се прекинуваат сите кривични постапки против политичарите кои се поврзани со политичката криза и аферата за прислушување. Иванов во обраќањето до јавноста посочи дека донел одлука и за амнестија на веќе осуден за аферата прислушување. Станува збор за Звонко Костовски, осуден во случајот „Пуч“.
Претпоставувам дека за голем дел од нив никогаш немаше да дојде до покренување на истраги или обвинение.Ѓорге Иванов, претседател
Со оваа одлука на претседателот се прекинуваат сите постапки и на Јавното обвинителството и на Специјалното јавно обвинителство, односно би требало тука да влезат предметите „Пуч“, „Титаник“, „Тортура“, и „Тврдина“ во кои меѓу првоосмнчените се лидер на опозицијата, поранешни министри и високи функционери од власта.
Иванов не ги соопшти имињата на оние против кои се води постапка, но рече дека со оваа одлука го пресекува Гордиевиот јазол и става крај на политичката криза.
„Најголемиот дел од прекините на постапките се во фаза кога за некого е поднесена кривична пријава и воопшто не е покрената истрага, ни обвинение или, пак, судски рочишта. Претпоставувам дека за голем дел од нив никогаш немаше да дојде до покренување на истраги или обвинение. Помал дел се такви каде што е отворена истрага или обвинение, но иста така не значи дека се виновни. Само една од одлуките е амнестија за едно лице кое веќе е правосилно осудено, но со оглед што за сите други во тој случај се прекинува постапката, ценам дека е неправедно само тоа лице да отслужува казна, само затоа што за разлика од другите во тој предмет го признал делото и се спогодил со обвинителството за висината на казната“, рече Иванов.
Одлуката ја донел сам и не ги известил политичарите затоа што можеби некој од нив сакал својата невиност да ја докажува во судска постапка, изјави претседателот.
Иванов вели дека е подготевен оваа одлука да ја брани секаде и дека ја носи заради зачувување на националните интереси.
„Никој не може да не убеди дека оваа криза е интерес на Република Македонија, оваа криза е нечиј туѓ интерес за нечии туѓи цели и интереси. Некој кој сака нешто да постигне, некој кој сака преку завојуваните политички лидери и нивни поддржувачи да оствари своја цел“, рече претседателот.
„Сето она што се случуваше во изминатиот период резултираше со досега невидена политичка конфронтираност со политика на меѓусебно пресметување и уништување, бескраен реваншизам, омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата, тие толку многу завојуваа, работите отидоа толку лично и далеку, си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства само да не бидат поразени на следните избори“, рече Иванов.
Претседателот смета дека политичката криза ни ја создал некој друг, но не и објасни на јавноста на кого конкретно мисли кога вели туѓи интереси и цели.
Во почетокот на своето обраќање, Иванов истакна дека политичката криза која е потикната од надворешни фактори личи на борба за истребување.
„Се распушти собранието, опозицијата најави бојкот и формираше фронт за слобода, ова значи дека ќе се оди и на попречување на оддржувањето на изборите. Имаме техничка влада со ограничено овластување, на раб сме на кризна состојба, работата е заплеткана до бескрај и никој не може да ја отплетка, дури ни водствата на партиите, ниту меѓународната заедница. Дури ни пржинскиот договор, ниту распуштањето на собранието не ги намали тензиите, напротив ги зголеми, никој никому не верува“, вели тој.
Иванов посочи дека со оваа одлука почнува крајот на кризата и посакува да заврши со демократски избори по сите стандарди.
На 18 март годинава, откако Уставниот суд му го врати на шефот на државата правото на помилување за изборен криминал, Иванов тогаш изјави дека нема намера да помилува „силеџии на избори“.