На патот што води од Тетово кон планинските села Селце, Вејце и други на Шар Планина забележливи се огромни количини градежен шут и отпад фрлени покрај коловозната лента. Вакви слики има и на останатите делови од планината која се карактеризира со богат растителен и животински свет. Поради состојбата на постојаното загадување со смет, луѓето од невладиниот сектор често работат на кампањи со кои се обидуваат да ја зголемат еколошката свест кај населението во насока на зачувување на природата на Шар Планина.
Имаме навистина проблеми во однос на заштитата на ресурсите на планината. И утре ако биде прогласена Шар Планина за национален парк навистина таа институција што ќе се формира ќе треба да работи многу на водите, на шумите, на животинскиот свет.Фросина Пандурска Драмиќанин, Македонско Еколошко Друштво.
И населението, но и институциите треба многу да работат на зачувување на природната разноликост на планините како Шара, зошто губиме потенцијали со драгоцени вредности, вели Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонско Еколошко Друштво.
„Имаме навистина проблеми во однос на заштитата на ресурсите на планината. И утре ако биде прогласена Шар Планина за Национален парк навистина таа институција што ќе се формира ќе треба да работи многу на водите, на шумите, на животинскиот свет. Тоа од аспект на институционално ниво, а од аспект на локално население, нашата улога ќе биде во иднина да работиме многу на едукација на локалното население, како да си ја заштити природата повеќе за утре Шар Планина како заштитено подрачје да привлекува многу повеќе луѓе, бидејќи, за жал, како што знаеме има и прогласени заштитени подрачја кои се узурпираат со разно-разни проекти и не е гаранција дури и да имаме национален парк на хартија, не е гаранција дека ресурсите би биле заштитени“, истакнува таа.
Македонија пропушта голема шанса. Отпадот кој го фрламе во природата наместо да ни штети, треба да ни биде ресурс од кој ќе заработуваме и отвораме нови работни места, смета Блаже Јосифовски од платформата за граѓанска политика „Ајде“.
„Самото управување со отпад, извозот на отпад во светски рамки претставува, еве во Eвропската унија претставува, една од најбрзо растечките гранки во нивните економии. Постојат огромни можности тука, при што Македонија треба да си го гледа својот економски интерес точно во оваа гранка и треба сите ние како граѓани и како институции да работиме ова подрачје да биде развивано“, вели Јосифовски.
Од Македонското еколошко друштво велат дека при најновото истражување на мислењето забележале барем интенција кај локалното население на Шар Планина за промена на свеста околу зачувување на природните вредности. Дури 83 проценти сакаат да биде прогласена за национален парк, сметајќи дека тоа ќе им донесе и економски придобивки.
„Дали би ги искористиле можностите за развој кои би биле понудени доколку во иднина Шар Планина се прогласи за Национален парк”, одговориле 63 отсто од испитаниците и од тоа 32 проценти би издавале соби за туристи, 23 отсто би работеле како туристички водичи, и 15 проценти би нуделе угостителски услуги, истакна Фросина Пандурска Драмиќанин.
На прашањето „Што сметаат дека треба да се заштити на Шара” предничат одговорите кои се однесуваат на дрвата, шумите, и растителниот свет кај 55 проценти од испитаниците. Во однос на проблемот со сечењето на дрвјата само 18 отсто од испитаните веруваат дека сечата е регулирана.