Дел од мигрантите на Идомени на неколку пати се обиделе да ја минат оградата и да влезат во Македонија откако се заглавени во Идомени веќе шест недели по нивното пристигнување во Грција на патот до западна Европа.
Грчката влада се уште не може да најде решение за околу 12 илјади мигранти кои живеат во тешки услови во кампот.
Грција продолжува да подготвува нови прифатни центри во областа, надевајќи се дека ќе ги убеди да го напуштат Идомени.
Неколку пати е најавено дека ќе следи акција за расчистување на кампот, но оти притоа грчката полиција немала да употреби сила.
Најлошото читање на договорот меѓу Брисел и Анкара е дека Турција ќе добие дисконт на условите за членство во Унијата поради бегалската криза.Марк Пиерини, Карнеџи Европа
Повеќето од мигрантите доаѓаат од конфликтните зони во Сирија, Ирак и Авганистан и сакаат да стигнат во Германија каде што веруваат дека ги чекаат подобри и побезбедни услови за живот.
Во меѓувреме Грција и Турција го продолжуваат враќањето на илегалните бегалци од грчките острови.
Тоа е предвидено со договорот меѓу Европската унија и Турција која за возврат треба да добие финансиска помош и некои олеснувања на турскиот пат кон Унијата.
Меѓутоа, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера остро предупреди дека нема да го спроведува доколку Брисел не почне да го исполнува својот дел од договореното.
Во неговиот типичен борбен говор во претседателската палата во Анкара рече:
„Постои процес кој треба да се следи. Постојат одредени услови. Турција нема да го исполнува договорот за враќање сириски мигранти од Европа, доколку Европската унија не ги исполнува своите ветувања. Лично овие видови на договори кога ќе дојдат кај мене нема да ги одобрам“, вели тој.
Ердоган наведе дека Турција заслужила нешто за нејзините заложби околу бегалците.
Посматрачите велат дека тука главно станува збор за шест милијарди евра што Турција треба да ги добие до 2018 година како помош за над 2 милиона и 700 илјади сириски бегалци во таа земја.
Сепак, според Марк Пиерни, од Карнеџи Европа, најголема корист за Турција од мигрантскиот договор е забрзаната процедура за влегување во Шенгенскиот безвизен режим.
Тој додава дека Турција во врска со ова се уште нема исполнето 70 услови.
„Најлошото читање на договорот меѓу Брисел и Анкара е дека Турција ќе добие дисконт на условите за членство во Унијата поради бегалската криза“, оценува Пиерини.
Германската канцеларка Ангела Меркел чија земја прими над милион баратели на азил само во минатата година изрази оптимизам во врска со мигрантската криза.
„Многу сум среќна иако знам дека се уште не сме ги исполниле сите задачи што се пред нас“, рече таа на прес конференцијата по состанокот со францускиот претседател Франсоа Оланд во Франција.