На неколку часа пред истекување на рокот до кој Собранието треба да се распушти, министрите и дополнителните заменици министри од СДСМ поднесoa оставки на функциите во Владата.
Во моментов многу се работи, но остануваат да се завршат уште многу обврски. До изборите има уште шеесет денови, но јас сум убеден дека доколку сите лица индивидуи и институциите ја вршат својата работа ќе биде возможно да има веродостојни избори кои би се одржале на 5-ти јуни.Чарлс Гарет, британски амбасадор во Македонија
„Доколку Собранието се распушти, односно доколку се одлучи да се применува Одлуката на Собранието на Македонија, донесена на 23 февруари, со којашто се врши изменување на Одлуката за распуштање на Собранието донесена на 18 јануари 2016 година, бараме оставките претходно да се констатираат“, се наведува во партиското соопштение.
Во него се наведува и дека според договорот од Пржино, министрите и дополнителните заменици министри од СДСМ се дел од Владата којашто била формирана со цел организирање фер и кредибилни избори, откако ќе бидат исполнети сите услови и точки од тој Договор.
Инаку, на полноќ Собранието се распушта, освен ако нема поинаква одлука за повторно одложување на изборите како што беше на 23 февруари. Во одлуката донесена зимоска се наведува дека изборите место на 24 април се одложуваат за петти јуни, а според членот 63 од Уставот, пак, избори за пратеници во Собранието се одржуваат во рок од 60 дена од денот на распуштањето.
Претседателот на собранието Трајко Вељаноски веќе најави дека има можност да тактизира со распишување на избори. Како што рече тој деновиве, според уставните надлежности, можел да го донесе решението за распишување на изборите, кои се одредени да бидат на 5 јуни, наместо утре, до 15-ти април за да и дадел можност на ДИК, ако некои работи евентуално не се завршени, да ги заврши.
Вељаноски нагласи дека тоа се однесувало на Избирачкиот список, бидејќи многу активности на ДИК зависеле од денот на потпишување на решението за распишување на изборите од страна на претседателот на Собранието.
Покрај СДСМ, денеска се јави и ДУИ, чиј претседател Али Ахмети, прво преку соопштение, информира дека телефонски разговарал со еврокомесарот Јоханес Хан, а потоа се сретна и со амбасадорката на Белгија. Според соопштението, тој на Хан му пренел дека има подготвеност за целосна имплементација на договорот од Пржино со цел за фер и демократски избори.
Британскиот амбасадор Чарлс Гарет денеска нагласи дека избори може да има ако сите си ја завршат својата работа.
„Во моментов многу се работи, но остануваат да се завршат уште многу обврски. До изборите има уште шеесет денови, но јас сум убеден дека доколку сите лица индивидуи и институциите ја вршат својата работа ќе биде возможно да има веродостојни избори кои би се одржале на 5-ти јуни“, рече Гарет.
Американскиот амбасадор Џес Бејли, пак, деновиве посочи дека сега она што граѓаните, парламентот и други треба да го прашуваат е дали работите се одвиваат како што треба, нагласувајќи дека на крајот, парламентот е тој што ја носи одлуката за датумот на избори, а не меѓународната заедница.