Господине Димитров, вие до меѓународната заедница доставивте одредени препораки за излез од политичката криза во која се наоѓа Македонија. Какви се тие препораки?
Меѓународната заедница има одговорност, бидејќи учествуваше во создавањето на договорот од Пржино и мене ми е многу непријатно што нам ни требаат странците за да си ја решиме нашата мака, но во основа нам ни требаат страниците за да си го вратиме суверенитетот, бидејќи сега суверенитетот е во група луѓе кои ги контролираат сите институции. Споредено со февруари, ние имаме полоша ситуација во однос на условите, сега ние дознаваме колкав хаос има во избирачкиот список, нема ни јасна правна основа како да се тргнат имињата што треба да се тргнат од таму, истрагата за изборна измама во февруари сè уште не беше излезена. Имаме серија на чекори коишто укажуваат колку се заробени институциите. Нас брифот ни насочен пред сè кон меѓународната заедница и нив ги повикуваме на одговорност, затоа што исходот од нивната улога во Македонија ќе биде силна порака за сите други држави на Балканот каде што ситуацијата не е многу подобра, само што не е толку соголена и не е толку очигледна затоа што немаа афера како нашата. Е сега ќе видиме, препораките до меѓународната заедница ни се на краток рок, прво да има јасна повторна оценка дали има или нема услови. Очигледно е дека нема, ќе треба да се одложат изборите, но не со истата грешка за нов датум, туку да се врзат за имплементација на условите, два месеца штом се завршат обврските околу условите, тогаш да се одржат. Препорачуваме да има посебен пратеник, којшто ќе има извесна политичка тежина и којшто ќе ја бутка работата тука, затоа што природата на Пржино е таква што тој за кој што се сомневаме дека ја запалил куќата, сега треба да го изгасне пожарот. А, за да се изгасне пожарот, мора некој цврсто да го држи за раце, затоа што тие од предмет на кризата, станаа субјект во нејзиното решавање. Тој стар систем сака брзи избори за да си се спаси и да заврши овој цел процес, но која е логиката криза што настанала меѓу другото со лоши избори дека ќе ја решаваме со уште едни лоши услови. Мое лично мислење и впечаток е дека сите знаме дека нема услови, но никој не го кажува тоа јасно, ниту од домашните фактори, еве ДИК го прозиваме, граѓаните ги прозиваме и сите треба да излезат и да кажат.
Во таква ситуација, какви се вашите очекување на меѓународната заедница во овие два наредни клучни дена?
Па искрено мислам дека многу ќе зависи од ДИК, меѓутоа ако таму има храброст чесно и искрено да се каже до каде се, што направиле досега, колку време им треба и тоа пазете тоа е само еден од условите, тоа е само списокот. Каде се слободата на медиумите, каде е одвојувањето на партијата од државата? Но, тоа ќе биде доволно да создаде основа и за другите фактори, вклучувајќи ги и меѓународните, да кажат дека нема услови. На подолг рок, сугерираме три процеса за кои сметаме дека се главни за зацврстување на демократијата и правната држава. Едниот е судството, тука е очигледно дека ни треба многу помош и внимание, а вториот е охрабрување на граѓанскиот сектор кој е голем фактор постојано да ја игра улогата на контролор, без разлика кој ќе биде на власт, затоа што ова може повторно да ни се случи. Третото е дека меѓународната заедница е соодговорна за нашиот проблем затоа што создадоа еден многу тежок контекст на 10 години затворени врати кон НАТО и ЕУ. Немавме пристап кон највлијателниот процес од проширувањето кој што е отворањето на преговорите, цело време чекаме, заради името и Грција. Тие ја тргнаа од тој контекст, од равенката на динамиката во Македонија, наградата за реформи. Ги демотивираа политичарите, ги ослабеа прореформските сили и нè разочараа сите во контекст на нивните принципи. Мислам дека тука ќе ни треба помош да се тргне условот на името од процесот и мислиме дека најдобра идеја е идејата на Филе од 2013 година кога препорача да се почнат преговори паралелно со разговори за името. Тоа ќе ја балансира силата во тие преговори, бидејќи Грција противправно доби повеќе моќ врз нас, бидејќи е веќе членка. Исходот од процесот кога ние ќе почнеме преговори, таа противправна и нечесна предност ќе ја снема и во такви и избалансирани односи ќе може да се разговара. Мислам дека фактор што ќе влијае да бидат поангажирани, бидејќи видоа што направија, пред сè будењето што им се случи со трагичниот викенд во Куманово од минатата година, но се надевам дека не треба да има нов трагичен викенд за повторно да им го земеме вниманието, затоа што ако не можат овде да имаат успешна приказна, нема да може никаде да имаат успешна приказна.
Го споменавте спорот за името, неодамна и амбасадорот Бејли имаше изјава дека треба да се реагира, а од друга страна ние сме во длабока политичка криза и колку е реален пристапот на Филе, во политичка криза да се приближуваме кон агендата и пристапување кон ЕУ и паралелно да се водат преговори за името?
Да се прави нешто сега мислам дека е невозможно, затоа што немаме институција со легитимитет, дури мислам и сегашниот состав на собранието е спорен, мислам тие имаат легалитет, но немаат легитимитет, не знаме какви биле тие избори, слушаме, гледаме во извештајот на Прибе, во извештајот на ЕК. Мислам дека мотивацијата за тој став е дека за да нема голема експлозија, за да нема поголема криза, ни треба НАТО членство, а за НАТО членство ни треба да го решиме прашањето за името и претпоставувам затоа е тој став. Меѓутоа тоа е многу штетно, да се внесува сега името ќе влијае во позиционирањето на домашната политика, ќе влезе во онаа приказна дека сето ова е завера за да ги предадеме националните интереси. И има еден голем проблем со тој став што повторно се гледа само кон Македонија, во смисла на притисок, на отстапки. Тие мора да ни помогнат да го избалансираме односот и силите со Грција ако вистина сакаме решение, инаку нема да може да се реши името. Најдобрата одбрана на името е да се биде најдобриот ученик во процесот на пристапување. Да се има чиста ситуација демократска, чиста ситуација судска, борба против корупција и во такви услови името се брани. А, во услови на катастрофа од овие главни фундаментални вредности, создавање на оружје и давање на сабји во рацете на порадикалните политички структури во Грција, ќе ви дадеме еве ви споменик, еве ви аеродром Александар, еве ви стадион. Така се дава името, а не се брани.