Бегалците не престојуваат, туку живеат во камповите

Бегалците повеќе не ја блокираат грчко-македонската граница, но тие според активистите на терен се решени да останат во камповите Идоемни и Поликастро. Бегалците повеќе не престојуваат, туку живеат во камповите велат активистите.

Грчката полиција денеска ги тргнала барикадите кои беа поставени од бегалците во близина на границата со Македонија. Бегалците кои се наоѓаат во кампот Идомени и во Поликастро го блокираа патот кој води до Солун. Тие бараат да биде отворена грчко-македонската граница за да можат да го продолжат патот до нивната крајна дестинација, односно некоја од западно европските земји.

Активистката Ленче Здравкин која постојано им носи хуманитарна помош на бегалците кои се наоѓаат во нашиот јужен сосед вели дека состојбата и во Идомени и во Поликастро е очајна. Според неа, бегалците се уште се во многу голем број, иако имало најави дека тие ќе се пренесуваат со автобуси во другите кампови низ земјата.

„Автобуси по два по три постојано има за оние што самоволно ќе сакаат да се качат и да заминат за Атина, меѓутоа верувајте дека тие се децидни и изјавуваат дека не мрдаат од тука. Ретко некој еден или два автобуси се наполнат во текот на денот и заминуваат оние кои што веќе здравствено не можат да издржат. Но, бројката на тие е навистина многу мала“, вели таа.

Автобуси по два по три постојано има за оние што самоволно ќе сакаат да се качат и да заминат за Атина, меѓутоа верувајте дека тие се децидни и изјавуваат дека не мрдаат од тука.
Ленче Здравкин активист.

Според Здравкин, бегалците веќе не престојуваат, туку живеат во Идомени и Поликастро.

„Луѓето се снаоѓаат палат огнови. Од локалните продавачи тие што можат да си дозволат купуваат леб, зејтин, шеќер и брашно. Веќе почнуваат сами да произведуваат леб за да можат полесно да се прехранат тие и нивните деца кои се во многу голем број. Локалните жители таму носат се и цените се доста високи. Лебот се движи околу 0,80 центи. Вода да не речам нема ни за лек. Луѓето немаат вода и пијат и се мијат и хигиената ја одржуваат од една цевка таму што е пуштена и што никој не знае дали е водата за пиење или не и таа воопшто не е испитана“, додава таа.

Сириски бегалец протестира за отворање на границите.

Покрај Идомени, како што наведува Здравкин се формираат и нови импровизирани кампови за бегалците и ги има околу пет на број и иако, според неа, на луѓето им е тешко тие се решени да останат таму. Таа додава и дека во прифатниот камп „Винојуг“ во Гевгелија се наоѓаат околу 130 бегалци. Некои од нив се вратени од кампот Табановце во Гевгелија поради подобрите услови за престој. Во Табановце пак се наоѓаат над илјада бегалци од кои повеќето се од Авганистан и Пакистан.

Од вчера започна и да се спроведува договорот кој го постигна ЕУ со Турција со кој треба да запре приливот на бегалци преку Егејското Море, при што сите бегалци кои ќе пристигнуваат во Грција од Турција ќе бидат враќани назад.

Министерот за надворешни работи Никола Поповски изјави дека Македонија и покрај сите предизвици успешно се справува со мигрантската криза и оти има активен придонес кон напорите на ЕУ за намалување на нелегалниот прилив на бегалци.