Паралелно со „Европски современи композитори“, во рамките на „Културните приказни“ на Делегација на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот во Скопје, од 6 април, ќе започне да се одвива и „Про-книжи го умот“. Се работи за платформа за креативен дијалог низ култни европски автори и дела, а проектот има за цел низ интерактивни модели на културна продукција,трибини и дебати да одбележи неколку јубилеи и годишници во 2016 година на европски дела и автори како Ерих Фром, Валтер Бенјамин, Џорџ Орвел, Олдоус Хаксли, Мишел Фуко, Жак Лакан и други. Трибините ќе бидат од отворен карактер и ќе се случуваат во различни градови како Скопје, Битола, Тетово, Велес и други. Панелисти ќе бидат истакнати уметници, писатели, професори, филмски и театарски режисери, литературни критичари и други.
Некои работни проекти се вистински мелем за душа. Еден од таквите барем за мене е актуелниот со наслов "Про-книжи го умот" или во оригинал, на англиски, „Booking Your Mind“. Проектот започнува во април и ќе трае до крајот на мај годинава и она што особено ме фасцинира е што во неговата основа ги има книгите и големите европски автори како Фром, Бенјамин, Орвел, ХакслиАна Јовковска.
„Некои работни проекти се вистински мелем за душа. Еден од таквите барем за мене е актуелниот со наслов "Про-книжи го умот" или во оригинал, на англиски, „Booking Your Mind“. Проектот започнува во април и ќе трае до крајот на мај годинава и она што особено ме фасцинира е што во неговата основа ги има книгите и големите европски автори како Фром, Бенјамин, Орвел, Хаксли ... и други, а всушност претставува една платформа за дискусија и критичко размислување. Авторите и книгите што ги одбрав се само некаква подлога за развивање на дебата. Иако носат некаква голема, да речеме, културно-историска важност затоа што одиграле улога во креирање на одредени современи теории, идеологии и светогледи, та дури биле и мотив за важни општествени движења и слободи во Европа, сепак ќе бидат само некаква иницијална точка од која ќе се обидеме да отвориме важни теми од денешниот локален социо-културен контекст. Би рекла дека проектот „Про-книжи го умот“ претставува филозофска и политичка врска меѓу минатото и иднината. Таа во суштина има за цел да ги постави и актуелните прашања во општеството денес. Визијата на проектот е преку некаква културна репрезентација, дијалог и преку едукација всушност да се раздвижи културата на дебата која и тоа како ни недостасува и да се поттикне активно учество на граѓаните, на локалните заедници, во градење на едно слободно, отворено и креативно општество“, вели Ана Јовковска, авторка на концептот и модераторка.
Првата дебата ќе биде во чест на Ерих Фром и неговото култно дело „Да се има или да се биде“. Темата е „Антиконсумеризмот во ера на продавање брендови и души“, а панелисти е планирано да бидат писателот Гоце Смилевски и неговиот колега и универзитетски професор Владимир Мартиновски.
„Темата на нашата дебата е поврзана со еден убав јубилеј – четири децении од објавувањето на една од последните книги на Ерих Фром „Да се има или да се биде“, книга која ги сумира добар дел од неговите опсесивни теми на неговата мисла која навистина продира во многу значајни сегменти на филозофската, социолошката мисла на 20-от век. Мене ми е Ерих Фром еден од авторите кои во студентските денови ми предизвика големо читателско љубопитство. Добар дел од неговите книги, во преводите во кои беа достапни ги читав, и ова ќе биде една убава прилика сега од една дистанца, значи неговите клучни теми за насоката во која што се движи нашето општество од пред четири децении, да ги видиме од денешен агол. Кои се насоките? Што се има променето во тие 40 години? Каде се движи нашето општество, каде се движи нашето човештво? Кои се главните опасности? Дали тоа води кон самоуништување? Дали може да се најдат нови патишта наспроти владеечката филозофија на консумеризмот? ...Мислам дека ќе биде возбудливо да ги разгледаме тие клучни пунктови на мислата на Ерих Фром од денешна перспектива и тоа е главниот мотив што со задоволство сакам да учествувам во една таква дебата“, истакнува Мартиновски.
Следното издание на „Про-книжи го умот“ е планирано за 12 април во Центарот за култура во Битола, исто така со почеток во 20:00 часот. На оваа дебата фокусот ќе биде врз Валтер Бенјамин и неговата антологиска студија „Уметничкото дело во епохата на технолошката репродукција“ коешто практично ги отвора прашањата за значењето на технологијата. Од таму темата е насловена како „Технологија и уметност - Револуција или хуманизација“, панелисти ќе бидат познатиот филозоф и професор Иван Џепаровски и културниот работник и истражувач Билјана Тануровска-Ќулавковски.
„Бенјамин тука зборува за губењето на аурата на уметничкото дело и употреба на технологијата и репродукцијата, односно што е тоа што е автентично денес или, како што вели тој, во епохата на нашава денешна, односно на тогашната техничка репродукција на уметничкото дело кога закржлавува неговата аура.
Практично зборуваме што значи денес техниката, што значи умножувањето и како и дали техниката ја заменува уникатната појава на уметничкото дело со нешто што во реалноста го викаме масовна култура и со која се повеќе секојдневно се соочуваме. На ова има и контра-тези, односно анти-тези, а познавајќи ја скромно но сепак доволно битолската публика мислам дека ќе имаме сериозна и плодна дискусија“,ќе рече Тануровска-Ќулавковски.
Структурирани во два дела, првиот дел од трибините го сочинува креативниот дијалог и интерактивната дебата меѓу модераторот, панелистите и публиката, додека вториот дел ќе биде неформална социјализација во духот на европските култури и традиции преку различните специфики, како што се типична музика, храна и пијалаци за одредена земја според потеклото на авторот во фокус.
Влезот на трибините е слободен, а активноста на публиката добредојдена!