Колку пари толку деца

Бројот на трето родени деца е зголемен, но се намалува бројот на прво и второ родени деца, велат од невладината организација ЗИП институт. Ако во 2009 година имало 9.177 првородени деца, во 2014 родени се 8.760 бебиња. Одлуката за бројот на деца сè повеќе зависи од тоа колку пари има семејството.

Одлуките дали ќе имаат едно или повеќе деца сопружниците сè повеќе ги носат во зависност од економската ситуираност и животниот стандард, па затоа се помалку бебиња се раѓаат во Македонија, покажуваат анализите на невладиниот сектор.

Кај поголем дел семејства од албанската етничка заедница во Македонија во минатото карактеристика беа токму имањето три или повеќе деца. Сега иако еманципацијата на жените е зголемена, и во оваа заедница деца се помалку се раѓаат. Главен фактор се условите за живот, објаснува Џане Крешова од организацијата Женски форум од Тетово.

„Порано беше дека девојките откако ќе завршат гимназија не им преостануваше друго, туку да се мажат обично и не беа вработени и во тие услови се раѓаа повеќе деца. Веќе жената Албанка стапува во брак после 25 година. Целата работа се сведува на тоа што жените не раѓаат од причина што се едуцирани и од причини што зависат од економскиот статус кој е мислам многу тежок денеска. И за да подигнеш едно дете потребни се повеќе средства. Тука ја гледаме ние разликата од порано и сега“, вели Крешова.

Професорот по социологија на Универзитетот на Југоисточна Европа, Али Пајазити смета дека ваквите промени во Македонија се случуваат и поради процесите на глобализација.

„Трендовите се кон атомизирање на општеството. Традиционалното семејство кое што се состои од повеќе членови е аут, а ин е семејството кое е составено од два члена. Постигнување на државата во благосостојба е добар објектив, зголемување на стапката на фертилитетот е добра цел, но за жал, луѓето веќе добро размислуваат колку деца ќе имаат, а пред и се размислуваат дали ќе стапат во брак“, вели Пајазити.

Македонија има стратегија за демографски развој 2008-2015 која се спроведува од 2009 и преку социјалната мерка родителски надомест за трето дете, но зголемување на наталитетот нема. Бројот на трето родени деца е зголемен, но се намалува бројот на прво и второ родени деца, велат од невладината организација ЗИП институт, по нивната анализа на придобивките и трошоците за мерката трето дете.

„Нашата препорака е да се направи редифинирање на целната група и да се работи на создавање на програма која би стимулирала раѓање исто така на првородени и второродени деца што не мора да претставува директен финансиски надомест. Потоа препорачуваме поголема приспособливост на работните аранжмани и подобрување на условите за живот кај фертилното население кое што би ги мотивирало да донесуваат одлуки во насока на проширување на семејството, односно економските услови за млади, услови на жени на пазар на труд и инфраструктурни услови“, вели Катерина Јакимовска од ЗИП институт.

Ако во 2009 година имало 9.177 првородени деца, во 2014 родени се 8.760 бебиња. Во 2009 година стапката на природен прираст била 2,3 а во 2014-1,5 промили.