Само дома си е дома...или пак можеби не?

Кристина Крајевска, средношколка.

Но ете, сме никнале од ова парче почва и сме негови плодови. Некои созреани, некои се уште созреваме, некои пак се расипани, но сакале-нејќеле сите сме на едно купче. Нашиот развиток зависи од грижата која ќе ни ја пружи оној земјоделец кој ја обработува нашата почва, пишува Кристина Крајевска, средношколка во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Додека бев во основно училиште, чинам некое трето одделение, на часовите по спорт постојано играв „Народна топка“. Тоа е онаа игра во која учествуваат два тима и пробуваат да се погодат меѓусебно. На краевите од теренот стоеја оние „лидерите“ на тимовите, кои им ја подаваа топката на своите соиграчи, но истовремено знаеја да зададат и по некој фатален удар. Но тие никогаш речиси не беа погодувани. Нечесто знаеја да настрадаат оние кои стоеја од страна, посматрајќи ја играта. Набљудуваа задлабочено, кога од нигде никаде добиваа по една топка од глава.

Ние пак, обичните смртници уште не долго ќе поднесуваме високи и ниски удари, а потоа ќе возвратиме со индиректен контра напад. Та кај нас сè оди контра, зошто да не и ние?

Десет години подоцна, повторно се наоѓам во истата игра. Но овој пат сум дел од оние кои набљудуваат од страна како се одвива текот на играта, и ниту крива ниту должна од време на време добивам силен удар по главата. Знаете, нешто налик нашиот народен херој Делчев би рекла:„Јас Македонија ја разбирам како поле за натпревар меѓу партиите...“. А тој траги-комичен натпревар со мене го набљудуваат моите пријатели, соученици, семејството и ред други познаници и непознаници кои ете, се родиле во погрешно време на погрешно место, оти нели „среќата“ им била таква. Токму онака како што вели познатиот филозоф Монтескје : „Нужно сум човек, а случајно сум Французин.“

Но ете, сме никнале од ова парче почва и сме негови плодови. Некои созреани, некои се уште созреваме, некои пак се расипани, но сакале-нејќеле сите сме на едно купче. Нашиот развиток зависи од грижата која ќе ни ја пружи оној земјоделец кој ја обработува нашата почва. Да нашата, оти ние сме оние кои ги носат нејзините „гени“, наша е и ние сме нејзини. А методот на реципроцитет и симбиоза е доста интересен, оти онолку колку што ние зависиме од грижата која ни е пружена, толку и оној кој ни ја пружа истата, зависи од нас. Во моментот кога оваа мисла ќе ни блесне во главата, токму тогаш ќе почнеме да се развиваме онака како што треба. Без разни закржлавувања, повреди и ред други препреки.

А во последно време, воздухот воопшто не мириса на свежо расцветани дрвја и грмушки, туку на нешто сосема друго. Излегуваш од дома и повторно гледаш нервозни лица, блокирани сообраќајници, растрчан град. Одекнуваат свирежи од колоната автомобили по булеварот, а од прозорчињата на автобусите одекнуваат разни пцовки упатени кон надлежните, кон угнетените и кон кој уште не. Доволно е? Зарем не е едноставно? Мириса на неправда.

Тие пак, затворени во своите кртовски дупки, со навлечени ролетни на прозорец, воопшто и не ја чувствуваат лошата реа која непрекинато се шири низ воздухот. Постојано вперувајќи прст еден кон друг, бараат виновник за нашето постојано стагнирање и страдање. Не сфаќајќи дека единственото нешто кое треба да го сторат е, тој прст најпрво да го стават на главата, да размислат, а потоа да го вперат кон самите себеси.

Ние пак, обичните смртници уште не долго ќе поднесуваме високи и ниски удари, а потоа ќе возвратиме со индиректен контра напад. Та кај нас сè оди контра, зошто да не и ние? Да, индиректен напад, оти нашите чувства се уште не се умртвени од алчноста и ненаситноста, за да можеме без било каква грижа на совест, директно да повредиме некого. Но погледнете ги аеродромите. Полека сообраќајниците се расчистуваат, булеварот не е исполнет со колоната од автомобили и други возила, возачот на автобусот не е нервозен. А аеродромите? Тие се полнат со млади лица, расплакани мајки со шамивчиња в рака, кои покрај толку солзи, знаат оти чедото го испраќаат на подобро место. Со пасош во рака, ги минуваат портите од терминалите. На звучниците тече една песна, а ехото и акустиката ја рашируваат низ огромната просторија. Одекнуваат едни познати стихови, само дома си е дома...или пак можеби не?

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.