Околу 89.300 е новата бројка запишани во избирачкиот список која Државната изборна комисија на седница одлучи да ја проверува теренски. Ваквата одлука на Kомисијата следуваше неколку часа откако на прес конференција објавија дека до крајот на неделава ќе почне теренската проверка со која ќе бидат опфатени речиси 100.500 граѓани кои се покажале како спорни во избирачкиот список по вкрстената проверка.
Бројката е фрапантна, таа е многу голема земајќи предвид за колкава држава се работи и за колкав број на избирачи се работи и не фрла сомнеж само во идниот гласачи процес.Алберт Муслиу, политички аналитичар
Намалувањето за 11.000 на бројот гласачи кои ќе се проверат теренски, според ДИК се должи на тоа што во дополнителна проверка утврдиле дека едно лице се појавува како дупликат по повеќе основи.
Административно, пак, ќе проверуваат речиси 108.000, а спорни остануваат и околу 120.000 избирачи кои се смета дека се иселеници оти ги немало во девет од десетте бази од кои се вкрстуваа податоците, но за нив засега нема никаква одлука за дополнителна проверка. Тие всушност не треба да се бришат, но треба да се направи можност за дополнителна проверка за да не биде злоупотребуван нивниот глас.
Вкупната бројка на сите категории за кои треба да се проверат е повеќе од 300.000 што според аналитичарот Алберт Муслиу фрла сериозен сомнеж на легитимноста на изборните процеси.
„Бројката е фрапантна, таа е многу голема земајќи предвид за колкава држава се работи и за колкав број на избирачи се работи и не фрла сомнеж само во идниот гласачи процес. Сомнежот во него ќе зависи од тоа како целиот процесот до гласањето ќе се спроведе, но постоењето на толку голема бројка секому му дава право да се посомнева во легитимноста и легалноста и на претходните изборни процеси“, вели Муслиу кој нагласува дека особено е важно сега Државната изборна комисија да работи јавно и транспаретно за граѓаните да имаат увид колку, како и зошто ќе се проверува или не одредена бројка гласачи.
И според поранешен директор на Заводот за статистика Дончо Герасимовски бројката на сомнителни е голема и фрла сомнеж и врз претходните избори.
„Она што како бројка се појавува, преку 330 000 е бројката која што има поголемо учество или тоа е некаде 20 отсто од запишани избирачи во избирачкиот список, меѓутоа ако се земе процентот на излезност тој ќе стане, 30, 40 проценти. Бројот од преку 330.000 што се појавуваат сега по разни основи при споредбата на базите. а кои што од ден на ден ги намалуваме што не е коректно бидејќи истите тие ако се ставени под некаков сомнеж при споредбата секако треба и да се проверат“, вели Герасимовски.
Инаку теренеската проверка што ќе започне неделава ќе ја спроведуваат 374 овластени анкетари, а контролори на процесот ќе бидат раководителите на подрачните одделенија на комисијата. Проверката треба да заврши за од 10 до 14 дена. По завршувањето на теренската и административната проверка оние кои ќе биде утврдено дека се нелегално се стекнале со право на глас ќе треба да бидат избришани од списокот низ управната постапка во соработка со Министерството за внатрешни работи.