Достапни линкови

Дамка во прочистувањето на избирачкиот список


ДИК мора да си ја заврши обврската за организирање на изборите, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ потенцираат дека слободни и фер избори не може да има без прочистен избирачки список. Набљудувачите со став дека игнорирањето на пријавите на граѓаните при теренската постапка му фрла дамка на целиот процес.

Од понеделник Државната изборна комисија ќе почне со теренска проверка на избирачкиот список. Но, согласно вчерашната одлука пријавите од граѓаните за неправилностите во избирачкиот список нема да бидат земени во предвид.

Гледаме дека тој почетен импулс и таа почетна надеж беше скратена и дека едноставно сега немаме услови во кои можеме до крај да стекнеме доверба во изборниот процес и воопшто во избирачкиот список посебно.
Џабир Дерала, Цивил.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја почитуваат одлуката на ДИК, која согласно нејзините обврски ќе излезе со податоци за тоа колку од гласачите се спорни во избирачкиот список. Според владејачката партија, ДИК мора да си ја заврши обврската за организирање на изборите, при што и меѓународните претставници кажале оти има доволно време за тие да бидат спроведени на фер и демократски начин. Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека СДСМ е таа која прави хаос и паника од избирачкиот список, бидејќи партијата бега од изборите.

Од СДСМ велат дека избирачкиот список досега за потребите на ДИК го водело Mинистерството за внатрешни работи, а токму поранешната министерка Гордана Јанкулоска е осомничена за изборни измами. Од опозицијата наведуваат дека секаков обид на ВМРО-ДПМНE да ја префрла одговорноста кај било кој друг е „ишкање на мувата од капата“. Не е прв пат, според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ сопствените криминали да ги препишува на друг. Од партијата уште еднаш потенцираат дека слободни и фер избори не може да има без прочистен избирачки список.

Џабир Дерала од невладината Цивил која се бави со мониторинг на изборниот процес вели дека тоа што било најважно во стекнувањето на доверба во избирачкиот список и во изборниот процес во Македонија, а тоа е теренската проверка не успеало и не поминало. Според него, тоа ќе биде сериозна дамка во изборниот процес.

„Добра беше алатката им овозможи на голем број граѓани и граѓанки да пријават неправилности во избирачкиот список кои упатуваат на прекршоци и на можни криминални дејства за што секако постојат и соодветни истраги. Гледаме дека тој почетен импулс и таа почетна надеж беше скратена и дека едноставно сега немаме услови во кои можеме до крај да стекнеме доверба во изборниот процес и воопшто во избирачкиот список посебно“.

Дерала додава дека очекува ДИК да ја надомести направената штета.

„Се надеваме дека сепак ДИК имајќи ги предвид нивните експертски капацитети ќе најдат некое решение да ја надополнат штетата која во овој момент ја прават со оваа одлука“.

Преку интернет апликацијата за избирачкиот список, досега имало околу 3.000 пријави за неправилности., а Комисијата досега разгледала помалку од една четвртина, односно 683. Најспорните пријави ќе бидат разгледувани на седница на ДИК и допрва ќе се договора како да се постапи со нив.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG