Теренска проверка сега, прочистување на списокот подоцна

Љупка Гугучевска од ДИК рече дека целта е проверка на податоците кои се спорни и сомнителни, без да прецизира како понатаму би се бришеле тие невалидни податоци.

ДИК до крајот на неделата ќе започне со теренска проверка на избирачкиот список откако завршија вкрстените проверки. Со неа ќе бидат опфатени 100.436 записи во кои спаѓаат имиња, презимиња и адреси. Теренската проверка ќе ја спроведуваат 374 овластени анкетари, а контролори на процесот ќе бидат раководителите на подрачните одделенија на комисијата. Тие ќе добијат список на лица кои се предмет на теренската проверка, со назначување на основот по кој ќе бидат проверувани. Прашалникот по кој анкетарите ќе ја извршуваат теренската проверка бил усвоен на вчерашната седница, а денеска ќе биде објавен на интернет страницата на комисијата.

Не тргнуваме со идеја дека веднаш треба да се бришат некои граѓани, туку целта ни е да ги провериме податоците.
Љупка Гугучевска, ДИК

Љупка Гугучевска од ДИК рече дека се очекува теренската проверка да трае од 10 до 14 дена. Според неа, целта е проверка на податоците кои се спорни и сомнителни, без да прецизира како би се бришеле понатаму тие невалидни податоци.

„Не тргнуваме со идеја дека веднаш треба да се бришат некои граѓани, туку целта ни е да ги провериме податоците. Потоа ќе тече друга постапка, откако ќе се констатираат фактите и резултатите од теренската проверка во коишто целата јавност ќе има увид. Ќе има увид и во процесот којшто ќе тече понатаму и во одлуките коишто ќе се носат во врска со овие наоди од теренските проверки“, вели таа.

Сè уште не се знае од каде ќе почне теренската проверка, рече Адмир Шабани од комисијата.

„ДИК во текот на овој ден или во наредните денови пред да започнат теренските проверки очекува да добие листа од страна на експертите кои биле вклучени цело време во овој процес во која листа ќе бидат ставени сите адреси и имињата и презимиња на лицата кои ќе бидат предмет на теренските проверки. Значи, пред да започне целата постапка околу теренската проверка, ние мора да имаме пречистен список на сите лица и адреси каде што ќе се упатат тимовите на ДИК“, вели тој.

Од ДИК најавија и кампања во медиумите насловена „Отворени врати“ за информирање и мотивирање на граѓаните за соработка со тимовите на комисијата. Набљудување на процесот, но пасивно, без преземање на некои дејствија, може да вршат и претставниците на четирите најголеми политички партии застапени во Парламентот. За да постигнат доверба во избирачкиот список, како што соопштија од комисијата, потребна им е соработка од сите учесници во процесот, особено од граѓаните.