Учениците да бидат вклучени во образовните реформи

По двегодишно истражување, неколку младински организации покренуваат иницијатива за измени и дополнувања на Законот за средно образование. Целта нa иницијативата е средношколците да бидат вклучени во донесувањето на одлуки за програмите и реформите во училиштата. Владимир Калински

Учениците треба да бидат вклучени во донесувањето на одлуки коишто се однесуваат на програмите и реформите во училиштата и да учествуваат во сите форми на одлучување: во училишниот Совет, во училишниот Одбор, наставничкиот Одбор, Советот на родители. Тие треба да бидат прашани за нивните мислења и ставови во насока на сите промени и нормативи во рамки на училиштата.

Она што се трудиме и поради што постои оваа иницијатива е да гарантираме дека пред да се прават политики коишто се однесуваат на квалитетот на образованието или животот на самите ученици, истите ќе бидат прашани за нивното мислењe.
Дона Костуранова, МОФ

Со ваков предлог излегоа Коалицијата на младински организации СЕГА, Младинскиот Образовен форум (МОФ) и Првата Детска амбасада „Меѓаши“. Тие по двегодишно истражување покренуваат иницијатива за измени и дополнувања на Законот за средно образование.

Со измените тие очекуваат да се обезбеди учество и организирање на учениците во средните училишта во Македонија и бараат Министерството за образование и наука и Собранието да ја прифатат иницијативата, за како што велат да се унапреди положбата на учениците во образовниот систем и законски да се гарантира нивното учество во институциите.

„Она што се трудиме и поради што постои оваа иницијатива е да гарантираме дека пред да се прават политики коишто се однесуваат на квалитетот на образованието или животот на самите ученици, истите ќе бидат прашани за нивното мислење“, истакна Дона Костуранова од МОФ.

Иницијативата е започната во 2014 година, а организациите утврдиле дека учеството на учениците во донесувањето на одлуки во училиштата во Македонија е на многу ниско ниво, за разлика од многу земји на Европската Унија и Југоисточна Европа кои тоа законски го имаат регулирано.

„Оваа компаративна анализа покажа дека е неопходно да се делува во рамки на постоечкиот Закон за средно образование во Република Македонија преку којшто треба во специфични членови да се дефинира начинот на организирањето на учениците во рамките на училиштето и начинот на нивното учество кога се носат одлуките за прашањата кои се битни за нив во училиштето“, рече Зоран Илиески од Коалицијата СЕГА.

Драги Змијанац од Првата Детска амбасада „Меѓаши“ вели дека децата имаат капацитет за самозастапување и оти можат сами да ги презентираат нивните мислења и ставови.

„Со оваа иницијатива сметаме дека овозможуваме голем простор за децата да го практикуваат детското учество, да изградиме култура за детско учество и возрасните дефинитивно да ги поттикнеме дека нивните интереси најдобро може да ги застапуваат учениците и децата, не само во средните, туку и во основните училишта.

Организациите иницијативата ќе ја достават до Собранието на Република Македонија и до Министерството за образование и наука и до собраниската Комисијата за образование на чии седници ќе бараат и учество.