Младиот автор Петар Андоновски со романот „Телото во кое треба да се живее“ во издание на „ИлиИли“ од Скопје е добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ за 2015 година. Романот на Андоновски е избран во конкуренција на 39 романи пристигнати на отворен конкурс од 15 декември 2015 до 15 јануари 2016 година. Во најтесна конкуренција за наградата влегоа и „Невидливи љубови“ на Владимир Јанковски во издание на „Антолог“ и „Три минути и 53 секунди“ на Берт Стајн, зад кого се крие Бранко Прља.
Лидија Капушевска Дракулевска во името на жири-комисијата изјави дека романот „Телото во кое треба да се живее“ претставува врвно книжевно остварување создадено во духот на современите прозни автори од типот на Бернхард Шлинк или Елфриде Јелинек, носејќи го во себе колоритот и посебноста на нашите балкански простори.
Инаку, Комисијата за издаваштво во Министерство за култура одлучи дека овој роман не заслужува државна поддршка при издавањето. Во знак на пркос, авторот Андоновски и издавачката куќа ИлиИли го пуштија во продажба за само 50 денари. Цената беше постигната, така што сите вклучени во издавањето, од лектура до техничко уредување, се откажаа од своите хонорари.
И претходниот роман на Петар Андоновски, „Очи со боја на чевли“ во 2013 година влезе во конкуренција за роман на годината, но и тој не доби поддршка од Министерството за култура.
Петар Андоновски е роден во 1987 година во Куманово. Студирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Автор е на книгата поезија „Ментален простор“ (2008) и на дебитантскиот роман „Очи со боја на чевли“.