Пет новинарски и медиумски организации во наредниот период ќе работат заедно да ги актуелизираат повторно реформите во медиумската сфера пред изборите закажани за 5 јуни. Тие бараат лидерите на четирите големи партии да објаснат зошто пропаднаа преговорите за медиумските реформи и за таа цел доставиле барање за средба со нив, како и за средби со претседателот Ѓорѓе Иванов и спикерот Трајко Вељаноски.
Дали проблем за партиите беа мачките на европскиот посредник или пак не им се допаднаа неговите предлози за системски реформи на медиумскиот систем. Без овие реформи Македонија нема да има слободни ниту веродостојни избори.Насер Селмани, ЗНМ
„Дали проблем за партиите беа мачките на европскиот посредник или пак не им се допаднаа неговите предлози за системски реформи на медиумскиот систем. Без овие реформи Македонија нема да има слободни ниту веродостојни избори“, вели Насер Селамани од ЗНМ.
Тој смета дека препораката на Европската комисија за започнување на преговори за членство може да се повлече ако партиите доследно не го спроведат Договорот од Пржино и реформите што се бараат.
Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинари укажа дека треба да се зборува отворено за проблемите за да не ескалираат во наредниот период во поинаков облик.
„Бараме средба и можност за дијалог меѓутоа ние сме тука и да не молчиме, немојте да заборавате и на тоа. Оваа премолчена пракса на манипуирање на јавноста и тргање од дневната агенда на проблемот со медиумите нема да помине со молчење на медиумските организации“, вели Чусидис.
Петте организации меѓу кои ЗНМ, Самостојниот синдикат на новинари, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика на медиумите и Институтот за комуникациски студии во наредниот период ќе се обидат да ги убедат сите одговорни да се обезбедат слободни и професионални медиуми, а понатаму наредниот чекор може да бидат сите други демократски форми на вршење притисок, рече Селмани.
„Секако дека ние ќе ги примениме сите демократски методи да вршиме притисок врз сите што ја имаат одговорноста да ја раководат оваа земја. Македонскиот устав гарантира слобода на изразување и слобода на медиумите“, вели Селмани.
Новинарите инсистираат САД и ЕУ да бидат вклучени во разговорите како и досега и нивниот предлог базиран врз ставовите на ЗНМ и другите медиумски организации да биде основа околу која ќе се бара решението. Основните барања на ЗНМ се забрана на владини реклами, МРТ и Агенцијата за медиуми да се ослободат од контролата на власта и да се обезбеди нивно стабилно финансирање, да се намалат обврските и казните за приватните медиуми и поголема транспарентност на институциите.
Инаку кога беа одложени изборите на 24 април и кога беше договорен новиот датум лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски кажа дека нема да има нови услови за одржување на изборите меѓу кои и нов закон за медиуми.