Трајкоска - Политичките партии станаа медиумски редакции

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трајкоска - Политичките партии станаа медиумски редакции

Дел од политичките партии ја преземаа улогата на редакции, тие формулираат и прават вести 24/7 и повеќе имаме продукција на вести од некои центри за комуникации, отколку од одредени медиуми, вели директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Речиси еден месец нема никакви преговори за медиумите, а преговарачот Ванхауте изјави дека до изборите и нема да има. Испаднаа ли медиумите жртви на партиски договор?

После официјалното излагање на медијаторот или преговарачот Ванхауте дека преговори нема да има и дека тие се запрени и ниту се планираат, иако има одреден тип на консултации, можеме да заклучиме дека медиумите испаднаа жртва или некаков тип на нешто околу кое се преговарало и кое било тема на консензус или, пак, на попуштање од една или од друга страна, така што, точно медиумите се жртва и за жал тоа многу ќе се одрази на целиот предизборен процес и на целиот овој период до 5 јуни, додека не бидат изборите, како што се закажани. Жално е што сепак не се најде доволно сила медиумите да останат дел од преговарачкиот процес, бидејќи ние коишто работиме од страна или, пак, најголем дел од невладините и од здруженијата сметаат дека овој момент сега со овој процес на преговарање ќе биде искористен не само за изборите, туку и после изборите, бидејќи медиумската ситуација е екстремно лоша во Македонија и состојбата со медиумите и професионалното новинарство воопшто не е на завидно ниво. Некако се надевавме и го гледавме овој процес како еден долготраен процес во кој навистина ќе има системски реформи на медиумите и новинарите ќе можат навистина да работат професионално, одговорно, но и слободно пред сè.

Очекувате ли дека до 5 јуни, за кога се договорени изборите, да има суштински промени во медумската сфера? Има ли доволно време за такво нешто?

Не. За суштински промени во медиумската сфера немаше време ниту од Нова година од кога почнаа преговорите, па до април или до јуни. Ние зборуваме за сериозно заробено општество, за клиентелистички однос меѓу сопствениците на медиумите и политичките врхушки, за сериозни економски врски меѓу одредени уредници со центрите на моќ итн. Едноставно тоа не можеме ние да го смениме преку ноќ. Но, ние се надеваме дека до јуни ќе има можност за неколку чекори кои ќе покажат дека тоа што ќе се случува после јуни ќе биде структурно, сериозно и длабинска реформа на целиот медиумски систем во Република Македонија. Специјалното јавно обвинителство одржа една конференција и со таа прес-конференција работите некако како да се поместија, бидејќи гласот што допре до јавноста беше дека има надеж дека ќе има промени, дека може работите да тргнат од точката каде што сме сега заглавени со месеци. Исто така и ние сметаме дека со одредени промени на административно или пак на формално ниво со промените во Агенцијата за медиуми, со промените во Програмскиот совет на МРТВ и со менаџерскиот тим во МРТВ и со уредничкиот состав, нема да има доволно време да се смени сè, но едноставно тоа ќе биде знак за новинарите, за колегите и од тие редакции, но и од приватните медиуми дека работите тргнуваа кон подобро. Јас верувам во тоа дека многу новинари точно знаат што значи професионално, балансирано и вистинито информирање, но се под сериозен притисок од различен тип, дали од уредниците, сопствениците, политичките партии, од нивните што работат во јавна администрација, да не ја работат својата работа како што треба. Е тоа мислам дека медиумската заедница го бара да се случи во наредните месеци и сериозно мислам дека една од работите ќе биде дека медиумската заедница како и секогаш ќе излезе гласно и јасно и ќе каже дали таа од наша перспектива се исполнети условите да има фер избори на 5 јуни или не, без оглед што ќе рече меѓународната заедница, без оглед што ќе се договорат партиските врхушки.

Како може новинарите да се ослободат од притисокот?

Ништо во однос на медиумите не е едноставно, посебно кога живееме во медијатизирано општество, каде што информацијата е сè и каде што сите сме на социјалните мрежи 24/7. Политичките партии, особено кај нас, дел од нив ја преземаа улогата на редакции, тие формулираат и прават вести 24/7 и повеќе имаме продукција на вести од некои центри за комуникации, отколку од одредени медиуми и тоа едноставно прави поместување на целиот медиумски систем. Спасот за новинарите е да се држат до професионалните и етичките стандарди, тоа е нешто од коешто не смеат да отстапат, меѓутоа за сериозни промени во нашата држава сега, во едно вакво искривено општество кадешто институциите се поместени, кадешто целиот систем е изместен од точката на којашто треба да биде, потребен е и политички договор. Потребно е тоа што со години наназад сите го зборуваме – политичките партии да ги тргнат рацете од институциите кои што се занимаваат со медиумите, како што е Агенцијата за медиуми, да се направи начин на селекција на избор на тие членови во таа Агенција коишто нема да бидат партиски послушници и само ќе креваат рака така како што ќе им каже лидерот. Од друга страна да реагираат и да си го имплементираат законот така како што треба, па да реагираат на говор на омраза, да реагираат на непрофесионално известување во смисла на недоволен плурализам, не само во јавната радио телевизија, односно во МРТВ, туку и во приватните телевизии, затоа што да не забораваме тие се приватни, но тие имаат интерес да го штитат јавниот интерес во Македонија, бидејќи користат јавно добро, бидејќи имаат лиценца. Од друга страна, пак, сепак мора да има еден политички консензус дека политичките партии, без оглед кој ќе дојде на власт, дали оваа гарнитура ќе остане или ќе дојде некоја друга, ќе ги тргнат рацете од Агенцијата за медиуми, од МРТВ, едноставно нема да функционираат тие центри на координација на медиумската агенда на дневно ниво, бидејќи ние сега имаме многу сериозна, уедначена уредувачка политика на неколку главни национални телевизии. Во такви услови ниту можеме да имаме демократско општество, ниту може да имаме фер избори.

Целото интервју со директорката на Институтот за комуникациски студии Жанета Трајкоска може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.