Достапни линкови

Телевизиите силно навиваат за Владата


Има медиуми кои имаат униформна уредувачка политика, односно на ист начин, од ист агол, во ист контекст ги обработуваат темите, посебно оние кои се врзани за работењето на владата, покажува анализата на медиумите спроведена од Институтот за комуникациски студии.

Во Македонија доминираат телевизии чии содржини се пропагандни и популистички во полза на ВМРО-ДПМНЕ и Владата и телевизии чиишто содржини се благо критични или неутрални кон власта. Ова е заклучокот од анализата на Институтот за комуникациски студии направена во периодот меѓу 23 и 18 ноември, а во која се опфатени вести и емисии на јавниот сервис и приватните телевизии Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М, 24Вести и ТВ21.

Немаме различности во мислењето и најчесто дури и експертите кои се викаат во овие телевизии го подржуваат едно исто мислење, а тоа е најчесто мислењето на владата односно на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Тоа покажува ниско ниво на професионалност и една навивачка реторика која сега е многу силна, а мислам ќе се зголемува со доближувањето на изборите во април.
Жанета Трајкоска, Висока школа за новинарство.

„Во најголемиот дел од националните вести не е она што навистина се случува бидејќи немаме различности во мислењето и најчесто дури и експертите кои се викаат во овие телевизии го подржуваат едно исто мислење, а тоа е најчесто мислењето на владата односно на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Тоа покажува ниско ниво на професионалност и една навивачка реторика која сега е многу силна, а мислам ќе се зголемува со доближувањето на изборите во април“, вели Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство.

Во резултатите од анализата за политичкиот плурализам на медиумите е наведено дека кај јавниот сервис месецов во повеќето од прилозите е забележан фаворизирачки однос кон ВМРО-ДПМНЕ поради што вестите често изгледале какао владин или партиски билтени. За разлика од другите провладини медиуми кај јавниот сервис демонизирачкиот однос кон СДСМ е помалку нагласен. Во анализата е наведено дека Сител, Алфа и Канал 5 предничат во фаворизирање на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и дека применуваат и демонизација кон опозицијата. СДСМ, стои во извештајот, таму е претставена како манипулативна партија која со фалсификати нелегално сака да дојде на власт додека пак МТВ 1 и МТВ 2 силно ги фаворизираат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но избираат стратегија во која отсуствува острината на демонизирањето на опозицијата што е својствено за итрите про владини комерцијални телевизии.

„Всушност имаме медиуми кои имаат униформна уредувачка политика, односно имаме неколку телевизии кои на ист начин, од ист агол, во ист контекст ги обработуваат темите, посебно оние кои се врзани за работењето на владата и имаат еден популистички пристап во делот на поддршка на владините политики, пред се, на политиките на владејачката ВМРО-ДПМНЕ“, вели Трајкоска.

Според анализата, во вестите на МТВ 1 во вкупно 129 прилози има повикување на само еден извор. Се забележува и дека телевизијата најмногу внимание им посветува на новите проекти на владата за што во еден месец биле емитувани 192 прилози, по што следат преговорите за медиумите и Анкетната комисија за прислушувањето со 16 прилози и ветото за домашното задолжување со четири прилози.

Институтот ја спроведе анализата за начинот на кој телевизиите известуваат за различните политички гледишта имајќи ја предвид важноста на политичкиот плурализам во предизборниот период особено во контекст на политичката криза, Договорот од Пржино и актуелните политички преговори,, вели Трајкоска.

„Ние секој месец ќе излегуваме со вакви извештаи во кои ќе ги нотираме најголемите прекршувања во однос на професионалните и етичките стандарди. И истото ќе го продолжиме за време, на кампањата која ќе почне 20 дена пред изборите. Во овој извештај анализирани се само емисиите емитувани меѓу први и 14 декември. Предмет на анализа биле и сите содржини каде се среќава говор што поттикнува дискриминирачки говор или говор на омраза кон групи и поединци. Детектиран е говор на омраза и експлицитен негативен стигматизирачки говор, но тоа поминало несанкциннирано од Регулаторното тело, стои во извештајот.

Според анализата неутрален или благ критички пристап може да се забележи кај телевизиите Телма, Алсат М, 24 Вести и ТВ 21.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG