Мигрантите и натаму пристигнуваат на грчките острови

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мигрантите и натаму пристигнуваат на грчките острови

Очајните мигранти не се откажуваат од обидите да стигнат во Европа преку Турција и грчките острови на Егејско Море. Засега, начелниот договор меѓу Европската унија и Турција за ставање крај на илегалните минувања по се изгледа не успева да ги одврати мигрантите од оваа нивна намера.

И покрај распоредувањето на НАТО сили на Егејското Море и зачестените патроли на грчката и турската крајбрежна стража, чамци полни со мигранти продолжуваат да пристигнуваат на грчкиот остров Лезбос.

Грчки бродови ги следат до брегот каде што ги пречекуваат странски и грчки хуманитарни работници.

Овие активности се следени од припадници на грчката полиција и на Фронтекс.

Лезбос, поради блискоста со Турција, стана главен центар од каде што тргнува таканаречената балканска рута на мигрантите до богатите северни земји на Европската унија.

Ние се плашиме да останеме тука и се плашиме да се вратиме во Сирија. Ние бегаме во некоја земја која ќе сака да не прими. Сакаме да бидеме безбедни.
Самиха Абдула, бегалка од Сирија

Над еден милион луѓе, бегајќи од војната и сиромаштијата на Блискиот и Средниот Исток, само во минатата година го минаа Егејското Море во мали чамци.
„Ние се плашиме да останеме тука и се плашиме да се вратиме во Сирија. Ние бегаме во некоја земја која ќе сака да не прими. Сакаме да бидеме безбедни“, вели Самиха Абдула, која заедно со нејзиното семејство чека да замине од турскиот брег кон грчкиот остров Фармакониси.

Постојат страхувања дека може драстично да се зголеми бројот на оние што ќе сакаат да стигнат на грчките острови пред да стапи во сила договорот меѓу Брисел и Анкара и да се интензивира контролата од страна на НАТО силите.

Според договорот постигнат меѓу евро лидерите и Турција во понеделникот и кој во идната недела треба да биде финализиран, Анкара се согласи да ги земе назад сите илегални мигранти во замена за финансиска помош, побрза визна либерализација и отворање на уште поглавија во преговорите за членство во Унијата.

Целта на овој договор, како што изјави премиерот Ахмед Давутоглу е обесхрабрување на илегалните мигранти и запирање на шверцерите со луѓе кои придонесоа за најголемата мигрантска криза во Европа по Втората светска војна.

Во меѓувреме, австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл Лајтнер изјави дека балканската рута, главниот пат на мигрантите кон северот на Европа, ќе остане постојано затворена.

„Само ваков конзистентен сигнал ќе ги одврати мигрантите да ја користат балканската рута“, рече таа за германскиот весник „Велт“.

Пораката, според повеќето европски лидери е едноставна, сите што ќе влезат илегално во Европа ќе бидат вратени.

Обединетите нации и хуманитарните организации предупредија дека самиот ваков начин на враќање на мигрантите е незаконски без да се разгледува секој индивидуален случај на барателите на азил.

Од друга страна, далеку од јасно е дека пораката ќе ја примат очајните семејства кои, со затворањето на границите, како единствен начин да стигнат до Европа ќе го гледаат само оној што го нудат шверцерите на луѓе.