Празно е на граничниот премин кај Гевгелија, откако Македонија втор ден не пропушта бегалци и мигранти како последица на одлуката на Словенија и самитот на Европската унија и Турција. На јужната граница, во околината на Котата 59, на дождливото време распоредени се само безбедносните сили, а во кампот Винојуг, освен полицијата, присутни се волонтерите од хуманитарните организации и едно семејство бегалци кое го пропуштило последниот воз за Табановце и сè уште не се знае дали ќе го продолжи патот кон Западна Европа или ќе биде вратено назад во Турција.
„Веќе неколку дена по ред кампот е празен и се очекуваат бегалци само во случај доколку се пропуштат. Црвениот крст на Македонија во соработка со УНХЦР, доколку настане ситуација да се пропуштаат бегалците низ македонската граница, се спремни да укажат каква било помош, независно дали е хуманитарна или медицинска“, вели Александар Јонузоски од Црвениот крст на Македонија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Хана Харбахбе од УНХЦР вели дека ситуацијата во транзитниот центар Винојуг е моментално мирна. Во однос на тоа што може да се очекува по затворањето на границите, таа вели дека за тоа прашање е одговорна државата.
Веќе неколку дена по ред кампот е празен и се очекуваат бегалци само во случај доколку се пропуштат.Александар Јонузоски, Црвен крст на Македонија
„Управувањето со границите е одговорност исклучиво на државата и ние како УНХЦР апелираме да бидат запазени сите стандарди и меѓународни механизми за заштита на човековите права“, вели Харбахбе.
Во меѓувреме во кампот во Идомени во Грција и натаму се заглавени над 13 илјади мигранти кои со денови живеат во шатори во тешки услови и за кои сè уште не се знае дали ќе бидат пропуштени да ја поминат границата, дали ќе бидат распоредени во кампови во Грција или, пак, ќе бидат вратени назад во Турција.