„...Лежерност и леснотија во изведбата, спонтано водење на мелодијата без непотребна драматика или орнаментика со цел да се создадат ефекти само поради ефекти, течност на музичката мисла... Триото кое самото по себе, барем кај нас, е реткост во однос на инструменталниот состав, носи навистина еден поинаков поглед кон музичките предизвици“.
Ова е само дел од убавите зборови на критиката забележани за една од изведбите на проектот „Музика за глас, виолончело и пијано“ на триото што го сочинуваат македонските уметници Гонца Богоромова - сопран, виолончелистот Паскал Краповски и пијанистката Милица Шкариќ.
А, соработката помеѓу нив датира некаде од 2010 година, за да биде официјализирана три години подоцна кога дошле до заклучок дека тие како изведувачи и не можат да му одолеат на предизвикот да бидат директни собеседници на сцена и така да ја споделат својата умешност и енергија со публиката.
„Сето ова многу спонтано се случи. Бидејќи ние сме двојка, еве сега и сопружници, јас многу често сум си посакувала самата за себе со моето момче, со мојот сопруг да музицираме заедно на сцена. Двата инструменти, гласот и виолончелото кои многу убаво се согласуваат, си донесоа една таква убава енергија. Така двајцата се согласивме дека вреди да ја почнеме приказната. Со Милица соработката се случи одделно. Со нејзе јас имав одржано неколку мои соло концерти, Паскал исто така ...и така некако природно одлучивме да се споиме во едно единствено вакво трио во Македонија“, вели Богоромова.
Краповски, од своја страна, покрај моментот на блискост и пријателство, го издвојува фактот што практично на нашава музичка сцена и нема ваков ансамбл. Тој дополнува дека можеби и не е толку тешко да се направи еден таков ансамбл, но дека проблемот е да се најде музика. Истакнува дека композициите се доста раритетни и од таму смета дека триото, не само во локални туку и во пошироки рамки, се става во ситуација „на презентирање на една уметност која што не може толку лесно да се чуе“. Затоа, говорејќи за репертоарот, челистот знае да каже дека тој е условен од тоа „што ноти ќе најдат“.
„Мал е обемот на композиции напишани за овој ансамбл и затоа уште на почеток наидуваме на проблеми. Верувајте дека имаме потешкотии за да ја оформиме програмата. За овој концерт, претходниот или за било кој нареден што би го свиреле. Така да што ќе најдеме останува за селекција. Ги разгледуваме нотите, мериме дали ни се допаѓа или не, тргаме нешто од тоа на страна, кога ќе се соберат повеќе оценуваме што од тоа концепциски си одговара едно со друго...но најбитната иницијатива која што е во целата оваа работа е да ги анимираме нашите, македонските композитори да пишуваат за ваков состав. Не за нас, за ваков состав. “
Во контекст на ова уметниците појаснуваат дека оствариле прекрасна соработка со композиторот Дамјан Темков и на два пати ја свиреле неговата „Надеж“, циклусот песни за сопран и виолончело работен на текст од македонскиот класик Блаже Конески. Информира дека публиката на претстојните концерти ќе може да чуе премиерно дело на Герхард Дајс, а згора на тоа ја најавува во догледен период и премиерната изведба на творбите што специјално за нив ги напишал англискиот композитор Малколм Дедман, со кого оствариле соработка на концертот што во рамките на Есенски музички свечености го одржа ансамблот за современа музика „КонТемпора“.
Говорејќи за желбите уметниците нагласуваат дека не само што имаат амбиции да излезат надвор од земјава, туку имаат и насушна потреба од таквиот чин. Но, велат дека за тоа им е потребна поддршка.
„Не дека не можеме самите, но навистина е многу потешко кога нема зад вас да застане некој човек, некоја куќа...и да се заложи во претставувањето на вашата уметност. Овде зборуваме за некаква концертна агенција. Тоа е црната точка за нас музичарите во Македонија. Кај нас е очебиен недостатокот на агенти или агенции кои што би се бавеле со таквата дејност. Верувајте многу е тешко да се организира еден концерт и овде дома, или серија на концерти, а камоли надвор. За нас кој си имаме и други обврски, работа и слично, ова е нешто што излегува дека е „невозможна мисија“.“
Крапоски дополнува дека тие се трудат да фатат чекор и дека имаат неколку понуди за настапи во соседството, но дали тие ќе се остварат зависи од умешноста и вештините на организаторите.
За сопранистката Богоромова за која критичарите ќе речат дека „е навидум едноставна и искрена, во однос на уметничкиот лик, дека поседува убав, чист глас, прекрасна боја и музикалност“ и уште дека „однатре зрачи со силна харизматичност и емотивен набој“... се чини дека допрва претстои периодот на вишнеење. Од таму не чуди кога таа вели „дека сега започнуваат да и се случуваат убавите работи на оперската сцена“.
„Досега немав можност да бидам на нашата оперска сцена. Следен проект што ми претстои во МОБ е оваа среда, на 9 март, во обновата на малата „Волшебна флејта“ каде ќе настапам во улогата на Памина...и се надевам дека од тука ќе почнат поголемите ангажмани, односно солистичките улоги за да можат и овде да ме запознаат љубителите на оваа уметност. Мене досега ме знаат како активен концертен музичар. Сум имала соработки со Андреј Наунов, Милица Шкариќ, Билјана Петровска...Сега се подготвувам за солистички концерт во Македонскиот културен центар во Софија со маестро Милен Станев. Тамошната публика ме знае по циклусите концерти во бугарската метропола, но и по настапите на Старозагорската сцена, во Созопол ...и така со ред.“
Кон ова само уште информацијата дека вон оваа серија, трио Богоромова, Краповски и Шкариќ на 21 март, со перформансот „Музика за глас, виолончело и пијано“, ќе се претстават и во Скопје.