Европското неединство за мигрантите се прекршува врз Балканот

Балканската мигрантска рута се прекршува на македонско-грчката граница. Дали Македонија и Грција ризикуваат да станат жртва на можното решение на проблемот со мигрантите во Европа?

Бројки за сериозно зголемување на бројот на мигранти речиси секојдневно пристигаат од соседна Грција, земјата која е прва од членките на Европската унија на која стапнуваат раселените од Блискиот исток и Африка.

Тензиите во јавните настапи меѓу владините претставници на Македонија, па и на дел од членките од Унијата и на функционерите од Атина растат паралелно со зголемувањето на бројката на мигранти и бегалци.

Грција сигурно сака што побргу да ја заборави минатата година. Но, и оваа по сè изгледа, ќе биде исто толку лоша. Овој пат за Атина проблемот не е финансиски, туку физички, иако и економијата не е во многу добра состојба. Сега Грција ризикува да стане жртва на можното решение на проблемот со мигрантите во Европа.

Гоце Атанасов

Ако мигрантите не можат да биде стопирани да влегуваат во Грција преку Турција од една страна, и ако мигрантите од Грција нема да ги пуштаат натаму во Европа поради сите драматични политички проблеми што тие ги предизвикуваат, тогаш можеби решението е да се изгради ѕид околу Грција. За волја на вистината ниту Брисел и Берлин не го сакаат тоа, барем не засега.

Ова се наведува во анализата на Стратфор во која се додава дека германскиот канцелар Ангела Меркел се уште се надева дека ќе го реши проблемот со Турција која е еден чекор поблиску до коренот на целиот проблем.

Чамци на НАТО се распоредени во водите меѓу Грција и Турција во друг обид да помогнат во решавањето на проблемот. Но, напорите да се запираат и враќаат чамците со мигранти во Турција се усложнети од фактот што Грција и Турција имаат лоши односи и територијални спорови на Егејско Море. Тоа всушност и ја спречува соработката меѓу крајбрежните стражи на двете земји. Грција се противи и на испраќање луѓе на Фронтекс за да помогнат околу мигрантите во Македонија. Како и Турција која моментално има отворени проблеми на трите нејзини главни граници, така и Грција се соочи со можноста за затворање на нејзините граници.

Додека Брисел и Берлин гледаат безмоќно на обидите на Виена и на земјите на таканаречената „балканска рута“, сите страхуваат од подобрување на временските услови, но и од евентуалните неуспешни напори на НАТО да ги изолираат шверцерите на луѓе на Егејското Море. Овие земји, особено Македонија, Бугарија и Албанија се географски многу важни, бидејќи се на границата со Грција. Бидејќи согласноста е постигната без одобрување од Европската унија, влијанието на Брисел и Берлин е ограничено.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Македонија меѓу мигрантите, Грција и поделената ЕУ

Македонија го ограничи протокот на мигранти

Во Македонија, пак, според информациите од Министерството за внатрешни работи во последниов период се намалува бројот на бегалци на кои државата им дава право да поминат низ неа на патот кон Западна Европа. Ако до пред неколку месеци се издаваа во просек по 3.000 дозволи дневно, а во најголемите пикови и по пет до шест илјади, сега тие се бројат во стотини, а ретко надминуваат 500.

Ваквата политика на земјава која се спроведува во координација со земјите од т.н. балканска рута и Вишеградската група го наполни кампот во Идомени, со тоа и притисокот на јужната граница па неделава повторно беше употребен солзавец.

Ова е најлошото сценарио што можеше да се случи, а со зголемувањето на бројот на бегалци и мигранти можни се повторни обиди за насилно уривање на оградата, вели професорот на Факултетот за безбедност Трпе Стојановски.

Еве ова што го видовме деновиве е добар пример или добро сценарио за нови можни ризици со тоа што доколку тој број на бегалци се акумулира и мултиплицира сигурно дека ова сценарио што го видовме сега ќе го видиме во некоја мултиплицирана форма.
Трпе Стојановски, универзитетски професор.

„Еве ова што го видовме деновиве е добар пример или добро сценарио за нови можни ризици со тоа што доколку тој број на бегалци се акумулира и мултиплицира сигурно дека ова сценарио што го видовме сега ќе го видиме во некоја мултиплицирана форма. Меѓутоа станува збор за човечки судбини и оваа ситуација веројатно малку поинаку ќе се спроведува во јавноста отколку оние проекции што ги имале предвид раководителите, полициските директори, политичарите кога заговарале какви мерки ќе треба да се етаблираат во овој регион почнувајќи од Македонија, па се до Австрија“, вели Стојановски.

Целата криза е всушност пренасочена на границата меѓу Македонија и Грција, двете земји кои и претходно имаа сериозно обременети односи поради деценскиот проблем за името. Поради тоа соработката беше во некаков вид хибернација вели Стојановски, кој додава дека ваквите предизвици носат сериозен ризик и заради тоа е особено важно да има контрола.

Имаме добра координација, добра комуникација, знаеме секогаш колку луѓе има, тие добиваат информации кога се отвора границата, колку луѓе се пуштени или зошто не се пуштаат , истото го имаме и со Србија и сметам дека и понатаму нема да имаме никаков проблем.
Јасмин Реџепи, граѓански активист.

Деновиве на покана од директорот на полиција на Грција, Константинос Сувалас, во Солун беше директорот на Бирото за јавна безбедност Горанче Савовски. Од МВР тогаш оценија дека состанокот е од исклучителна важност, бидејќи бил прв помеѓу двата полициски директори.

Нивото на полициската соработка помеѓу двете полициски служби e значително подобрено од август 2015 година па наваму – веднаш по прогласувањето на кризната состојба одржан е координативен состанок, по што зачестени се средбите и состаноците на регионално и на централно ниво, наведоа од МВР.

Со соседна Грција пред нов предизвик

И ако на двете соседни земји им е тешка соработката обременета и претходно поради проблемот за името, а средбите секогаш се силно медиумски проследени, хуманитарните работници од двете страни на границата со месеци соработуваат без голема јавна помпа.

Јасмин Реџепи, кој со својата организација и соработници е на терен речиси една година, го најдовме во Македонија веднаш по враќањето од Атина каде што со хумантарците од другата страна на границите биле на заедничка конференција.

„Сите организации знаат дека овој политички проблем не треба да се сведе само на нас. Ние сме тука да им го олесниме патот на бегалците или престојот доколку останат кај нас. Имаме добра координација, добра комуникација, знаеме секогаш колку луѓе има, тие добиваат информации кога се отвора границата, колку луѓе се пуштени или зошто не се пуштаат , истото го имаме и со Србија и сметам дека и понатаму нема да имаме никаков проблем“, вели Реџепи.

Но, што се однесува до понатаму, на хумантираците им е тешко да предвидат што реално ќе се случува земајќи предвид дека на грчка територија има огромен број бегалци со кои не се знае што ќе се случува и кога и дали ќе почне да влегуваат во Македонија па да продолжат по балканската рута до западна Европа.

Реџепи потсетува и на состојбата во која се наоѓаат мигрантите кои се веќе „заглавени“ на македонска територија, односно главно Авганистанци кои Хрватска ги врати па потоа преку Србија повторно влегоа во земјава.

„Веќе имаме проблем, со денови седат во, да речеме во слаби услови, знаме дека камповите наши се транзитни, железнички станици, да може луѓето да го почекаат возот и да тргнат понатаму, но не и да бидат сместени и да седат повеќе од еден ден. Тие седат со денови, санитарни услови нема, храната која им се дава не е толку лесно ние како невладин сектор да ја обезбедуваме со денови“, вели Реџепи.

Тешката ситуација на граничните премини на балканската копнена рута, особено на границата меѓу Грција и Македонија резултираше со илјадници деца заглавени на границите, предупреди и УНИЦЕФ.

„Во овој хаос и збрканост децата се принудени да спијат на отворено во мизерни услови повеќе од една недела, без можност да се измијат и да добијат соодветна храна. Постои ризик од одвојување на семејствата, а децата со часови остануваат заглавени надвор од транзитните центри во возови без јасна крајна цел“, наведоа од светската организација. УНХЦР, пак, предупреди на хуманитарната криза во Грција. Тие ги повикаа Грција и државите по должината на рутата на Балканот да дејствуваат брзо за да се избегне катастрофа, во духот на солидарност и заедничка одговорност, како и безбеден пристап до азил, засолниште и основна помош, лекување на луѓето со достоинство и почит.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Отворете ја границата“

Кој пат да го фатиме?

Инаку македонската политика засега е во координација со политиките на дел членки од Европската унија претежно оние од Вишеградската група односно Унгарија, Чешка, Словачка и Полска плус Австрија која одлучи да го ограничи бројот на мигранти дневно и најави квота од 37.500 лица па и Србија, Хрватска и Словенија примаат помалку луѓе.

Претседателот Ѓорге Иванов неодамна во интервју за германскиот весник Шпигел рече дека се одлучни државата да не стане складиште за мигранти доколку дојде до затворање на границите и затоа и се залагаат за координирана акција.

„Немаме интерес од тоа состојбата во Грција да се влоши. Или пак целиот товар да падне на Грција. Оваа криза еден ден ќе заврши, но ние ќе останеме соседи засекогаш. Немаме желба да го жртвуваме овој однос, поради тоа што институциите на ЕУ не функционираат соодветно“ рече Иванов прашан како гледа на можноста Македонија да стане нова граница со ЕУ, во случај на затворање на границата со Грција.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во последно време, барем според изјавите, како да стана министер за мигранти и бегалци, а состојбата го врати на светските медиуми. За Би-би-си тој изјави дека Македонија ќе била меѓу првите што ќе ја размонтираат оградата, бидејќи целта е да станеме дел од Европа.

„Доколку не прашате нас, најдоброто решение е Европската Унија да се фокусира на својата надворешна граница, во соработка со Турција, и да обезбеди да имаме 100 процентно регистрирање на легитимните баратели на азил, на кои потоа ќе им се дозволи да поминат преку Македонија, Србија, Хрватска кон Западна Европа“ изјави Попоски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Репортажа: Бегалците со денови заглавени на Идомени

Мигрантите пред необединета Европа

Необединетоста на Европа за ова прашање донесе повторно спротивставени ставови. Министерот за надворешни работи на Германија Франк Валтер Штајнамајер по инцедентот на македонско грчката граница рече дека снимките од употребата на солзавец биле доказ дека државите не можат сами да се справуваат со проблемот.

„Можете да го отфрлате проблемот со бегалците, можете да ги враќате бегалците назад од каде што дошле во вашата земја, но тоа не е решение. Потребен ни е заеднички европски договор. Тоа сега станува се појасно и се надевам дека на самитот на шефовите на владите на 7 март ќе придонесе за подобра соработка на европските држави“, рече Штајнмајер.

Состојбата на терен пак упатува на поголема итност. Еден од мигрантите кои неделава беа зад оградата на македонско грчката граница беше револтиран и од правилата кои како што довикуваше секојдневно се менувале.

„Секој ден ги менуваат правилата. По секоја вечер, другиот ден има друго правило. Зошто секој ден ги менуваат правилата? Едно беше вчера, друго е денеска, утре Господ знае што ќе биде. Ќе седиме додека не ја поминеме границата. Ние сме отпорни, шест месеци, една година, ќе останеме! “

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бегалците блокираа воз, бараат отворање на македонската граница

Критики кон како што велат не снаоѓањето на Унијата со бегалско-мигранстаката криза стигнаа и од УНХЦР, па портпаролот Едријан Едвардс оцени дека Европа била на работ на само-предизвикана хуманитарна криза. Винсент Кочетел, кој е координатор на УНХЦР за бегалската криза во Европа, пак предупреди и дека застојот на граничните премини долж балканската бегалска рута, доведува до фрустрација помеѓу мигрантите и бегалците.

„Тие не разбираат дека не можат повеќе да се движат напред, дека треба да чекаат на ред, дека треба да минуваат низ процес за релоцирање, за оние кои има потреба да бидат релоцирани, а тоа не важи за сите. Фрустрацијата се зголемува и може да доведе до насилство“, вели тој.

Стравувањата за дополнителни проблеми не се само поради очекуваното подобрување на временските услови, туку и поради зголемувањето на бројот на криумчари кои ќе се поттикнат поради ограничениот проток на мигрантите или пак можноста за затворање на границите.

И претседателот Иванов неодамна оцени дека затворањето на балканскиот коридор не е решение бидејќи бегалците ќе најдат друг пат за да стигнат до нивните дестинации.

„Криминалните мрежи ќе се погрижат за тоа. Нови коридори ќе бидат отворени преку Бугарија и Албанија. Како што се подобруваат временските услови, можеби и преку Балтикот и Јадранот. Никој од овие луѓе не сака да остане во Грција, Македонија или Србија. Нивната цел е Германија. Ќе најдат начин како да дојдат до таму“, рече Иванов.