„Влакна“ на Венинова – најдобар трилер на фестивал во Канада

Сцена од филмот Влакна

Македонскиот краткометражен филм „Влакна“, работен според сценарио и во режија на Елеонора Венинова, со Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ во главните улоги, ја освои наградата за најдобар трилер на годинашниот Канадски интернационален филмски фестивал што се одржува во Ванкувер. Филмот ќе биде прикажан на 9 април заедно со другите добитници на наградите на оваа престижна манифестација.

„Влакна“ на Елеонора Венинова ја продолжува жетвата. По нецели две години од освојувањето на „Gold Remi“ во категоријата за краток трилер/мистерија на 47. издание на фестивалот „Ворлдфест Хјустон“ во американската држава Тексас, оваа крими сторија деновиве ја доби и наградата за најдобар трилер на престижниот Канадски интернационален филмски фестивал што се одржува во Ванкувер.

Признанието ми доаѓа буквално не само за сите филмови од овој жанр што ги изгледав туку и за стилот на пишување што го учев во Лос Анџелес, затоа што тој, да речеме, е токму за ваков тип на филмови – со градење на исчекување, на мистерија.
Елеонора Венинова, режисерка

Во првичната реакција, сценаристката и режисерка вели дека е радосна од ваквиот след на настаните затоа што трилерот е жанр со којшто таа израснала како автор и творец.

„Признанието ми доаѓа буквално не само за сите филмови од овој жанр што ги изгледав туку и за стилот на пишување што го учев во Лос Анџелес, затоа што тој, да речеме, е токму за ваков тип на филмови – со градење на исчекување, на мистерија. Впрочем, награда на интернационален фестивал е дефинитивно голема работа, но награда за соодветниот жанр којшто сум се трудела да го совладам низ годините, е уште поголема почест за мене“, вели таа.

Венинова потсетува дека „Влакна“ не е само почеток на нејзиното жанровско истражување, конкретно во она што се нарекува трилер – мистерија, туку и самиот претставува пилот-проект за телевизиска серија којашто со целиот тим ја имаат развиено и за којашто се надеваат дека еден ден ќе ја снимат. Згора на тоа, тој е и дел од долгометражно сценарио. Зачеток на нешто уште поголемо со што би се бавела во претстојниве неколку години.

„Наградата мислам дека ќе ни биде убав исчекор кон тоа уште повеќе да се мотивираме и со конкретни чекори да реализираме нешто повеќе од „Влакна“. Дали телевизиска серија или долгометражен филм, сеедно. И тоа не само кај нас, затоа што мислам дека како производ, како приказна, делото допира до секаква публика, така што дефинитивно планираме да се обидеме да најдеме финансирање и надворешни извори за да направиме убава серија којашто би била гледлива за пошироката публика“, вели таа.

Во оваа крими-сторија, чиј продуцент е Небојша Илиевски и каде станува збор за една детективка која истражува убиство на мало девојче со влакно како клучен доказ во случајот, главните улоги ги толкуваат македонската актерка Ирена Ристиќ и Бојан Жировиќ од соседна Србија. Во филмот играат и Слаѓана Вујошевиќ, Марија Арсенкова и Трајче Црвенов. Директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката - Дејан Спасовиќ, за сценографијата се погрижија Филип Велковски и Никола Анѓелковски, монтажата е на Бошко Столиќ, а изборот на костими го направи Верица Андреевска – Спасовиќ.

„Ако ова успееме да го реализираме, секако дека би го работеле со истите глумци, меѓутоа нормално дека приказната би морале да ја рашириме. Да ја збогатиме со нови ликови, со нови потприказни коишто ќе се преплетуваат за да добиеме неизвесност и вистински трилер производ на крајот“, појаснува режисерката.

Од друга страна, во поглед на политичките турбуленции и на општествената сфера на тотално дерогирање на моралот кај нас, Венинова знае да каже дека сето тоа е дефинитивно инспиративно за еден трилер, посебно за политички трилер, но дека е тешко да се сработи.

„За жал, она што се случува во реалноста е толку драматично и само по себе потресно што искрено не гледам како јас би го збогатила ако го изразам низ уметност. Еве да поедноставам. Мене не би ми бил толкав предизвик да направам нешто на постоечката политичка атмосфера, затоа што би требала буквално да го ископирам. Толку неверојатно е она што ни се случува во реалноста што едноставно никако не може да се надгради во уметноста“, вели таа.

Инаку Елеонора Венинова неодамна со „Прасето кое сакаше да биде птица“, цртаниот филм на македонската ОХО продукција, стана финалист на престижниот светски фестивал за детска телевизиска продукција „Prix Jeunesse International“ што се одржува во Минхен, Германија.

Во очекување на мај и финалната церемонија што ќе се одржи во баварската метропола, таа ја започна работата врз сценарио за долгометражен филм, кој, според нејзините зборови, треба да биде поразличен и од трилерот и од цртаниот филм. Станува збор за драма. Не тешка социјална драма какви што сме навикнати да гледаме, туку драма на една брачна двојка со што жанровски би избегала сосема од сето она што го работела досега.

Вели дека и понатаму предизвик ќе ѝ бидат и цртаните филмови, но сега ги разгледува опциите на цртани за возрасни што би било „едно друго ниво за неа како творец“.

Конечно, Венинова се подготвува и за пишувањето на новото трилер сценарио за кое што деновиве добила поддршка од Агенцијата за филм.