Не остана млад човек што сака да остане во Македонија

Пораснат е бројот на млади луѓе кои би се иселиле и сега тој изнесува 73,6 проценти. За да се задржат во земјата треба да не натераат креаторите на политики да ги слушнат нивните потреби, велат познавачите.

Продолжува да расте бројот на млади луѓе кои не гледаат перспективи во Македонија и си заминуваат во странство. Тоа зборува дека целата приказна на Владата за постоење политики за младите луѓе е маркетиншки трик за добивање гласови, бидејќи тие воопшто не се вклучени во носењето на документите и законите, рече Калинка Габер од Институтот за социјална демократија.

Брзоплети се реформите затоа што два универзитети се основаат во рок од еден месец и тоа по скратена постапка. Колку може да бидат квалитетни реформите заборува и тоа што за ниту една законска измена не постои проценка за влијание на регулатива со што самиот закон си го оправдува своето постоење.
Дарко Малиновски, Студентски пленум.

Анализите говорат дека состојбите за младите луѓе се лоши и оти мора да се користат форми на притисоци за да се натераат креаторите на политики да ги слушнат нивните потреби.

„И она што податоците го велат ги потврдуваат другите истражувања што во изминатиот период се направени во Македонија дека е пораснат бројот на млади луѓе кои би се иселиле и сега тој изнесува 73,6 проценти, што е значително поголем од оној со кој опериравме во изминатите неколку месеци до година дена од 50 отсто.“

Габер нагласи дека и новата стратегија за младите луѓе не е применлива, а 40 проценти од младите луѓе не се запознаени дека таа постои. Истражувањата исто така покажуваат дека 25 проценти од младите рекле дека владата не води смета за нив и ја оцениле со единица.

Дарко Малиновски од Студентскиот пленум смета дека младите луѓе се иселуваат од Македонија затоа што образовните политики се, како што рече, ад- ход еднострани и брзоплети. Тој исто така предупреди дека повторно како и во измените на државниот испит и при основањето на двата нови универзитети освен владата и ресорното министерството никој стручен не е вклучен.

„Брзоплети се реформите затоа што два универзитети се основаат во рок од еден месец и тоа по скратена постапка. Колку може да бидат квалитетни реформите заборува и тоа што за ниту една законска измена не постои проценка за влијание на регулатива со што самиот закон си го оправдува своето постоење“, вели Малиновски.

Тој нагласи дека освен лошата економска состојба и невработеноста суштински проблем со кој се соочуваат младите луѓе се партиските вработувања.

И покрај загрижувачките податоци Дона Костуранова од МОФ е оптимист дека за разлика од пред три години кога се зборуваше за апатичност на младите во Македонија, состојбата сега е поинаква. Според неа по масовните студентски протести следуваа и други инспиративни и охрабрувачки примери.

„Реално има уште податоци кои покажуваат дека дел од апатијата опстојува. Ама државата виде таква трансформација на младинскиот активизам во последните две години што би било лудо да тврдиме дека младите се уште се апатични. Не беа апатични кога протестираа за полициската бруталност. Не беа апатични кога Студентскиот пленум го создаде најголемото студентско движење во оваа земја. Не беа апатични кога средношколци, луѓе што уште немаат право на глас, но имаат начин да разберат што е важно од тоа што се однесува на нив, се осудија да окупираат уличен парк на дожд и на сонце надвор на отворено.“

Костуранова ѝ порача на власта кога ќе види младински активизам да не го дискредитира со тоа што ќе го етикетира, туку да покаже политичка култура и да седне на маса и да разговара со младите луѓе за нивните потреби и барања.