Тања Кармзова – Костиглиола влегува сосема самоуверено во македонската книжевност. Сосема нетипично. Со силен нагон да промени нешто во женското писмо карактеристично за новиот бран македонска поезија.
„Распетие на душата“ беше мое првенче. Беше книга кадешто во песните јасно го кажував она што ми пречи, она што го чувствував. Од таму „Кутија со солзи“ е токму една кутија. Сè е таму обвиткано со зборови. Сè е посликовито прикажано. Мислам дека има некој напредок.Тања Кармзова – Костиглиола, поетеса.
Ова ќе го забележи поетот Дарко Лешоски во писанието за „Кутија со солзи“ на Кармзова – Костиглиола.
Сузана Мицова, пак, во својата рецензија за стихозбирката, пишува дека таа „ви ги цеди емоциите и со нив прави еластични метафорични фигури во кои ги преплетува обичните ситуации со надреални случки“.
Но, која е Тања Кармзова Костиглиола? Родена 1989 во Струмица, детството и раната младост ги поминала во семејната куќа во Дабиле. Од тогаш датира и нејзината љубов кон литературата и поезијата посебно. Со диплома на фармацевтски техничар, првата стихозбирка „Распетие на душата“ ја објавила во 2007 година, за да набрзо потоа во потрага по сопствената среќа замине да живее во Франција.
Денес работи во аптека во Париз и наедно е студентка на еден од факултетите за медицински науки, на одделот за фито и арома терапија. И, се разбира и натаму пишува. Упорно и постојано. На македонски, но и на француски јазик. Знае да каже дека „ја инспирираат лавиринтите на реалноста и на животот“. Дека пишува интимна поезија со која се обидува да ги „откорне од себе сите дневни јазли кои се обидуваат да го кочат нејзиното дишење“. А, по цели осум години од првенчето, во втората половина на јануари годинава, беше промовирана и нејзината „Кутија со солзи“.
„Распетие на душата“ беше мое првенче. Беше книга кадешто во песните јасно го кажував она што ми пречи, она што го чувствував. Од таму „Кутија со солзи“ е токму една кутија. Сè е таму обвиткано со зборови. Сè е посликовито прикажано. Мислам дека има некој напредок. Барем тоа го велат рецензентите, читателите што имале можност досега да се сретнат со моите стихови...Кажуваат дека е тешка за читање. Дека им треба време. Дека треба да се вратат повеќе пати на една иста песна, повеќе пати на една иста реченица, но дека е пријатна и дека се пронаоѓаат. Мене тоа и ми беше целта. Луѓето да можат да се пронајдат без јас да внесувам мои истории и истории кои сум ги слушнала“, вели Кармзова.
Говорејќи за инспирацијата за творење знае да каже дека често е со мислите во родната земја, со своите роднини и пријатели, но дека тука е и Париз како своевиден порив. Дополнува дека е прекрасно да се живее со историјата на градот, со сите оние траги од минатото, со духот и шармот на метрополата.
Од таму и потребата секојдневните моменти да ги претвори во нешто несекојдневно, обичните ситуации преку поезијата да ги преточи во сложени.
И најважно, вели дека, во предвечерието на пишувањето на дипломската на универзитетот, ќе стреми кон тоа да не прави толку голема пауза помеѓу објавите. Дури најавува и роман во периодов што следува.
„Сакам да пробам да напишам роман. Тоа го кажувам веќе некое време. Имам направено скица, напишани се неколку глави кои треба да се состават...Е сега за тоа треба малку повеќе дисциплина бидејќи не треба да се изгуби онаа нишка што ги врзува ликовите во приказната , што поезијата и не ми го налагаше тоа. Убедена сум дека ќе успеам само малку да се растеретам од обврските.“
Од друга страна, Кармзова – Костиглиола не заборава да спомене дека иако во Франција си го створила сопствениот семеен мир, често со мислите е дома. Дека силно ја погодува тоа што нам овде ни се случува. Тензиите и пропуштените шанси.
„Сметам дека имаме потенцијал да бидеме успешна држава која навистина ќе напредува. Но, за жал, ми се чини дека во последно време го запоставуваме тој потенцијал. Со сите оние огромни бројки за млади што си заминале од Македонија, со сите оние политички скандали што никако да престанат, мислам дека запоставуваме еден важен дел од еволуцијата, од напредокот на нашата земја – нејзината иднина.“