За ВМРО-ДПМНЕ има услови, а за СДСМ нема за одржување на фер и кредибилни предвремени парламентарни избори на 24 април. Од владејачката партија соопштија дека само e точно оти не постои подготвеност кај СДСМ да излезе на избори, затоа што како што наведуваат се свесни оти ќе загубат, бидејќи ја немаат поддршката од народот. Според партијата, заради тој страв СДСМ сака пролонгирање на кризата и е подготвена на се за да го направи тоа. Претставниците на САД и ЕУ, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ не презентирале ниту еден сериозен и кредибилен аргумент во прилог на тезата за неподготвеноста на Македонија за избори со што, според партијата е јасно дека станува збор за проценка базирана на политичка одлука, а не факти.
„Во претходните денови, во интензивната комуникација со нив, на сите нивоа, како политичко, така и техничко, се уверивме дека нема валидни аргументи за одложување на изборите. Ваквите состојби може да ја воведат земјата во нови проблеми и наместо кон излез од кризата да ја однесат кон нејзино продлабочување, спротивно од тоа што го очекуваат граѓаните и од политичките чинители во земјава и од меѓународната заедница“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека она што постојано го говорело, било вчера потврдено и од ЕУ и САД. Според него, нема услови за фер и кредибилни избори, бидејќи не е прочистен избирачкиот список и не се спроведени реформите за слободни медиуми.
„Фер избори на 24 април не може и нема да има. Било какво инсистирање на нерегуларни избори само заради спас на кожата на Никола Груевски и фамилијата ќе ја втурне Македонија во драматична криза со несогледливи последици“, рече Заев на прес конференција.
На прашањето да ги коментира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, Заев истакна дека аргументите и фактите се нешто пред кое и боговите молчат и мерливо е оти не постои време за прочистување на избирачкиот список и тоа е поткрепено со факти.
„Така да СДСМ нема намера да ги алиментира нерегуларните, неслободните и нефер избори кои ги најавува ВМРО ДПМНЕ. Но истовремено немаме намера да бидеме неми посматрачи на вака организирани избори кои не само од нас како од опозиција и сите демократски сили во Македонија, туку и од меѓународната заедница се потврдени дека не се исполнети условите за во Македонија да се исполнат кредибилни избори“, додаде Заев.
Според Заев, тоа се однесува и на нивното учество во Владата, а во однос на натамошната стратегија на партијата, тој истакна дека за тоа дополнително ќе одлучуваат. Во однос на евентуално учество на избори на 24 април од другите партии, како што наведе Заев тоа ќе значи дека ќе станат соучесници во криминалот и корупцијата на Груевски.
На прашањето дали СДСМ ќе иницира да се повлече одлуката за распуштање на Парламентот, Заев одговори дека тие што го распуштиле, тие треба и да донесат одлука сега.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич во меѓувреме ја потврди оценката дека сè уште не се исполнети условите за одржување на избори на 24 април. Таа во име на ЕУ, ги повика политичките партии во Македонија „да останат посветени за одржување кредибилни избори што е можно побрзо“.