Барокна фасада за секоја зграда

Советот на Град Скопје донел одлука за проширување на програмата за градење на фасади, но дека се уште не е утврдено колку средства ќе бидат издвоени, велат од Град Скопје. СДСМ соопшти дека нови десетици милиони евра ќе потрошат Град Скопје и Владата за менување на фасадите во центарот на Скопје.

Архитектурата е пред сè одраз на времето во кое се креира и создава и според тоа може да се процени дали денеска живееме во барокно време, за да правиме барокни фасади. Вака дел од експертите ја коментираат изградбата на барокните фасади во изминативе години, како и најновата одлука на Град Скопје за проширување на програмата за градење на нови барокни фасади во централното подрачје на главниот град.

Само оваа година во Скопје ќе се потрошат 5,7 милиони евра за барокни фасади. Ова се пари на сите граѓани на Македонија и доаѓаат од централниот буџет.
Дамјан Манчевски, СДСМ.

Вчера советникот во Град Скопје од опозициската СДСМ, Дамјан Манчевски соопшти дека нови десетици милиони евра ќе потрошат Град Скопје и Владата за менување на фасадите во барокни на булеварите Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин и на улица Македонија.

„Само оваа година во Скопје ќе се потрошат 5,7 милиони евра за барокни фасади. Ова се пари на сите граѓани на Македонија и доаѓаат од централниот буџет. (...) До сега за менување на барокни фасади се потрошени над 10 милиони евра. Ова неколкукратно зголемување на опфатот значи уште дополнителни околу 50 милиони евра за барокни фасади“, истакна Манчевски.

Портпаролот на Град Скопје, Неделчо Крстевски вели дека Советот на Град Скопје донел одлука за проширување на програмата за градење на фасади, но дека се уште не е утврдено колку средства ќе бидат издвоени, бидејќи допрва требало да бидат изработени проектите и да се објават тендери.

„Во одлуката на Советот не стои сума, не знам од каде Манчевски вели дека ќе бидат потрошени 50 милиони евра“, вели Крстевски.

Но, освен критиките за изгледот и големите суми кои се трошат за фасадите, експертите посочуваат и на безбедноста поради несоодветно градење и на голема потенцијална опaсност од пожари, како што пред неколку дена беше случај при изработката на барокната фасада на зградата на ЕВН.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Гореше фасадата на зградата на ЕВН

„Во Европа и во Светот се градат многу згради со горива изолација, како што е стиропорот, но во европските документи се пропишани техники и технологии како тие згради да бидат заштитени од пожар. За жал ние не се придржуваме во конкретниот случај со облагање на фасадите од проектрот Скопје 2014, за една таква превентивна противпожарна заштита“, вели доктор Петар Николовски, архитект и вонреден професор во областа на енергетска ефикасност.

Тој додава дека независно дали зградите се барокни, во Македонија не постои регулатива за во случај на пожар противпожарните возила да имаат пристап до зградите.