И покрај бројните критики во јавноста околу контроверзниот владин проект Скопје 2014, и натаму не запира изградбата на објекти кои чинат десетици милиони евра. На почетокот на годинава државата објави оглас во кој се бара фирма која ќе гради нова барокна зграда од 35 милиони евра за потребите Народната банка на Република Македонија. Објектот е предвидено да биде изграден на место каде сега има зеленило, односно меѓу новото Министерство за надворешни работи покрај Вардар и Македонската опера и балет.
Не може да не се спомне мешањето на партијата и власта. Се изедначува партијата со државата и во овој случај имаме партија којашто не престанува со трошењето на јавните пари за сопствена промоција. Еден од таквите проекти цело време е Скопје 2014 и тоа продолжува и понатаму како манифестација на моќ и сила.Слаѓана Тасева, Транспаренси интернешнал – Македонија.
Со своето однесување во однос на проектот Скопје 2014, Владата покажува дека архитектурата и експертското мислење не ја интересираат, коментираат експертите. Претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, посочува дека постоечкиот комплекс на банки е значаен архитектонски објект во градот, на кој му е потребно само реновирање и реконструкција со што ќе биде истакнат неговиот квалитет.
„Во овој случај не се работи веќе само за архитектонско лошо обликување, кое можеби е најлесниот дел од проблемот, бидејќи се надевам дека ќе дојде денот кога ќе мора еднаш тоа да се преобликува, но се работи и за едно лошо урбанистичко проектирање со што локацијата каде што е предвидено да биде новата банка е после Министерството за надворешни работи, што значи дека целиот тој комплекс и ансамбл на Македонската опера и балет ќе биде затворен од сите страни, а тоа е еден од најзначајните современи објекти во нашиот град“, вели Раѓеновиќ Јовановиќ.
Ова е недозволиво однесување на власта, коментира Слаѓана Тасева од организацијата Транспаренси интернешнал – Македонија. Со трошењето на пари во период кога се очекуваат избори и кога се прават големи кампањи, вели таа, владејачката партија сака да покаже дека се уште има моќ.
„Не може да не се спомне мешањето на партијата и власта. Се изедначува партијата со државата и во овој случај имаме партија којашто не престанува со трошењето на јавните пари за сопствена промоција. Еден од таквите проекти цело време е Скопје 2014 и тоа продолжува и понатаму како манифестација на моќ и сила. Мислам дека не е во ред и дека треба да престане, не само заради тоа што критиките се големи за тој проект, таму се потрошени преку 700 милиони евра досега, туку и заради потребата јавните пари да се трошат за нешто што им е повеќе потребно на граѓаните.“
Таа околу трошењето на партиите за ваквите проекти, Тасева додава дека нема никаква транспарентност, дека не се знае дали парите се одобрени од Собранието преку буџетот, во каква програма влегуваат и дали е легитимно тоа што се прави.