Во потрага по излез од сирискиот пекол

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во потрага по излез од сирискиот пекол

Турција, која неколку денови ги бомбардира курдските позиции во северна Сирија, бара меѓународна копнена операција во таа земја. Русија, која ги поддржува властите во Сирија и ги бомбардира позициите на опозициските бунтовници, смета дека тоа ќе биде вовед во долготрајна војна. Вашингтон се сомнева во намерите на Русија.

Турција, Саудиска Арабија и некои европски сојузници се за копнена операција во Сирија, но не постои консензус за тоа, изјави во интервју за новинската агенција Ројтерс шефот на турска дипломатија Мевлут Чавушоглу.

Турција бара од сојузниците во НАТО, вклучувајќи ги и Соединетите Држави, да бидат дел од заедничка копнена операција во Сирија, поради се поголемиот напредок на сириските владини сили кои се поддржани од Русија кон границите на Турција.

Тоа, според оценката на аналитичарите, ја зголемува можноста од директен конфликт меѓу една членка на НАТО и Русија.

Фактот што Путин конечно испрати негови сили и војници и инвестира во оваа масовна воена операција не е доказ за голема сила, туку доказ за слабата позиција на Асад. Русија ќе влезе во безизлезна ситуација.
Барак Обама, претседател на САД

Вашингтон отфрла таква акција, но турското барање покажува како брзиот напредок на сириските војници поддржани од руски воздушни напади во изминативе недели го трансформираа конфликтот во кој се вовлечени повеќе регионални и светски сили.

Министерот Чавушоглу операцијата ја правда и со опасноста од милитантите на Исламската држава.

Но, посматрачите сметаат дека таа ќе биде насочена и против напредокот на курдските сили на северот на Сирија, кои, иако се борат против претседателот Башар ал-Асад и се дел од сириските бунтовници што ги поддржува Анкара, се бомбардирани од турските сили.

Вашингтон, пак, смета дека курдските сили во Сирија се ефикасен сојузник на теренот во борбата против милитантите на Исламската држава во Сирија.

Од друга страна, напредокот на силите на Башар ал-Асад ги става под прашалник изгледите за заживување на примирјето што минатата недела во Минхен го постигаа големите сили.

Американскиот претседател Барак Обама оцени дека ова примирје во Сирија што треба да почне неделава ќе биде тест за намерите на Москва во Сирија.

„Силите на претседателот Башар ал Асад, поддржани од руските воздушни напади, можеби постигнале некаков напредок, но три четвртини од земјата и натаму не е под нивна контрола“, изјави Обама по самитот на Источна Азија што се одржа во Калифорнија.

„Фактот што Путин конечно испрати негови сили и војници и инвестира во оваа масовна воена операција не е доказ за голема сила, туку доказ за слабата позиција на Асад. Русија ќе влезе во безизлезна ситуација“, рече Обама, наведувајќи дека Сирија не е натпревар меѓу него и Путин.

„Прашањето е како можеме да го запреме страдањето, да го стабилизираме регионот, да ја запреме масовната миграција на бегалците, да го запреме бомбардирањето училишта и болници и невини цивили и креирањето безбеден рај за милитантите на ИД“, рече Обама.

Тој додава дека би било попаметно за Путин да соработува со меѓународната заедница и да се обиде да посредува во некој вид политичка транзиција во Сирија.