Отворањето на постамент со Двоглав орел во Чаир претставува провокација поврзана со предизборната атмосфера во државата, бидејќи партиите се уште не се во состојба да се ослободат од националистичките ставови, кои им носат поени велат експертите. Меѓутоа состојбата во Македонија откако опозицијата почна да ги обелоденува компромитирачките материјали со нелегалното прислушување е загрижувачка, дополнуваат аналитичарите кои сметаат дека во изборната кампања сепак доминатни теми овојпат ќе бидат враќањето на демократијата и департизацијата на државата.
„До претходните избори секогаш се користеа националните чувства за да се манипулира јавноста и да се добијат гласови на избори. Веројатно ќе се обидат партиите на истата карта да играат. Но во меѓувреме се случија такви работи што зборуваaт за една отуѓена власт така што верувам дека дискурсот ќе биде малку поинаков. Темите кои на овие избори ќе бидат важни за добивaње гласови се враќање на слободата, обновување на демократијатa, независно судство, тој вид на теми“, коментира професор Мирјана Малевска.
Аналитичарот Алајдин Демири вели дека Македонија нема проблем со меѓуетнички тензии, туку со борба за демократија и медиумски слободи. Сегашната власт е во морална криза и затоа и се потребни меѓуетнички кризи за да преживее, вели Демири.
„Двоглавиот орел нема ништо да произведе, бидејќи тоа е преупотребувано и очаен обид да се оттргне вниманието на партиите од криминалот во кој наоѓаат.“
Јавноста во изминатиот период беше сведок на многу примери со кои се калкулира со меѓуетничките односи, како инцидентот на скопското Кале, насилства меѓу младите во автобусите во главниот град, во пресрет на локалните избори во 2013 година. Ова се само дел од примерите за меѓуетничките страсти кои се распламтуваа преку ноќ, а веќе во наредните денови сè се враќаше во вообичаениот тек на настаните. Но примерот со поставување двоглав орел, како и преименувањето на училишта во средините со мешан состав во голема мера предизвикаа дилема дали и институциите почнаа да работат по етнички и партиски критериуми. Се зависи од тоа како се однесувале општинските советниците при гласањето на оваа одлука, вели Малевска.
На скалата на она што ги преокупира граѓаните, а на која во моментот доминираат темите за демократија, сепак меѓуетничките односи остануваат важна тема на разговор за граѓаните, велат аналитичарите кои одговорноста ја гледаат кај политичките партии.
„Се разбира во мултиетничко општество националните теми секогаш ќе имаат значење, бидејќи со нив е најлесно да се добијат гласови и во вакво општество составено од повеќе заедници тоа секогаш има поминувачка, секогаш е важно“.